Писателката Весна Мундишевска-Велјановска е добитничка на наградата „Книжевен круг“ за книжевна критика на конкурсот распишан од Битолскиот книжевен круг за 2020 година. Наградата ѝ беше доделена на X-та меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“ која се одржа во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола на 31 октомври и 1 ноември 2020 г.
Книгата „Профили“ содржи два циклуси насловени како „Согледби“ и „Вглед“. Првиот циклус содржи согледби за книги поезија, раскази, книжевни критики и студии издадени во периодот од 2018 до 2020 г., додека вториот циклус „Вглед“ содржи текстови кои се однесуваат на поетското творештво на авторката на оваа книга, но кои истовремено се и нејзини видувања за поезијата, пишувањето и зборот.
Во рамките на манифестацијата беше организирана и промоција на наградената книга, а во излагањето писателот Зоран Пејковски, кој е и рецензент на книгата истакна:
„Писателката Весна Мундишевска-Велјановска, има вешта стилска изразеност во изборот на елементарните естетски и вредносни ориентации кон кои е втемелен стремежот за длабока перцепција на читателот… Таа умее да го наметне уметничкото чувство и моќта на зборот во поетичноста и на нејзиниот критички сензибилитет прикажувајќи ги и нејзините концептуални книжевно-критички артефакти, со сопствената поетика како бесценета вредност, која нè води до една амалгамска потреба на критичното опсервативно искажување.
Затоа може да се рече дека книжевните-критички опсервации на Весна Мундишевска-Велјановска, претставуваат нота бене што во преносна смисла на зборот може да се рече дека тие не можат да се заборават затоа што одекнуваат моќно, доминантно, стилски изедначено, па дури и амброзивно… Таа постојано е окупирана, меѓу другото и со филозофско-естетските видувања, кои секогаш ги втемелува во книжевно-критичната визуелизација што само по себе на читателите им овозможува да навлезат длабоко во авторовите мисли. На тој начин, со оваа своја нова книга ни покажа како може да се биде и креативен творец, па дури и на поетиката на книжевната критика.“
На манифестацијата беа доделени и наградите „Книжевен круг“ за проза (за книгата „Фауст го трча плебејскиот круг“ на Стефан Марковски) и „Книжевен круг“ за поезија (за книгата „Манастир од мисли“ на Кире Неделковски), како и наградата „Лингва“ за превод и афирмација на македонската литература која ѝ беше врачена на Олга Панкина.