Лентата од ветар како посебна нитна на моќта на поетскиот израз
(Осврт кон книгата „Лента од ветар“ од Ружица Циндори)
Ружица Циндори е хрватска поетеса која зад себе има опус од десет книги поезија, со препознатлив автентичен стил на игра со формата и содржината, барајќи инветивни начини на претставување на поезијата, каква што е и оваа книга поезија „Лента од ветар“, објавена од страна на Друштвото на хрватски книжевници во 2017 година. Објавувањето на оваа книга на македонски јазик е одобрено од страна на Министерството за култура на РСМакедонија. Препевот го направи м-р Љерка Тот Наумова, а издавач е Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола.
Во книгата поезија „Лента од ветар“ се објавени вкупно триесет и осум песни, поделени во четири циклуси: „Заедно“, „Ѕвонење“, „Зошто си толку среќна?“ и „Лента од ветар“. Сите ги обединува херменевтиката на стиховите кои од конкретни синтагми преминуваат во необични, двосмислени, понекогаш апсурдни кованици на метафоричниот и оксиморонскиот израз. Преовладува смирениот, меланхоличен и дескриптивен пристап каде личната духовна состојба се отсликува во општиот тек на животот преплетен со вечните прашања: која е смислата на постоењето?!
На самиот почеток, со песната „Територија“ поетесата како да ја обележува својата територија како човек со посебна перцепција со која воедно се обградува од просечноста, но понатаму веднаш се чувствува таа самотија и отуѓеност што под тежината на годините станува уште потешка. Честопати, поетесата со носталгија се потсетува на минатото, на спомените кои љубовта ја претвориле во излитен капут, со одреден рок на траење (во песните „Име“, „Петрињска“, „Заедно“ и други.)
Во повеќе песни семантичката димензија на рефлексивните стихови се постигнува со описи на природата каде честопати се сретнуваат дендроидни елементи (растенија и дрвја или делови од нив), потоа описи на море и риби што во трите циклуси ја доближуваат оваа поезија до медитеранската поетска рамка. Такви се морфолошките целини од типот: „сè сум послична/ на коренест зеленчук“ (во песната „Осаменост“), „сега веќе сум билка/полна со соништа./Ги пуштам коренчињата во ноќниот хумус (во песната „Соништа“), како и во песните „Маслина“ , „Портокал“, а од морскиот свет – тоа е морскиот кит („како да издишува/преморениот кит, во приквечерината што се прпела во морската шир“ во песната „Излегување од Палермо“) или туната осудена на смрт (дури и како наслов во песната „Големата туна“) како и во други песни.
Третиот циклус со насов „Зошто си толку среќна?“ контрасно на насловот носи песни со меланхолични и песимистички ноти во потрага на нови простори на живеење, селидби кои не носат ништо ново, па животот наликува на „оксиморон со ограничена шир“ (во песната „Нашиот живот тука“), што пак во песната „Женски живот“
преминува во приказ на феминистичка позиција на шаблонизираниот живот на незаштитената жена: „ Никаде те нема/освен во кујните/во трамваите/во пекарниците…“.
Актуелната реалност на времето во кое живее современиот човек, поетесата ја отсликува во песната „Дијагноза“, како живот на современи дијагнози, на проблеми и лекови каде само „поезијата лечи“. Па така, поетесата знае да се зачаури во својата поетска структура и така да се заштити од негативните влијанија на секојдневието.
Во сите песни, стиховите се врзуваат со необични врски помеѓу денотативното и конотативното значење што ја прави оваа поезија автентична, без оглед дали станува збор за љубовна, описна, интимно-исповедна или рефлексивна песна.
Последниот циклус со наслов „ Лента од ветар“ според кој оваа книга е насловена, поетесата Циндори го посветува на поетите, на чинот на творење, што ја содржи смислата на постоењето, на создавање креации. Таа посебност, таа моќ да се создаде песна, поетесата симболично ја нарекува „лента од ветар“ со што ја прикажува недофатливоста и невидливоста на таа посебност што ја поседуваат создавачите на поезија:
„Само поетите
со гордост ја носат
лентата од ветрот.
Немаат потреба
да телефонираат.
Ги откачуваат стрелите
во небеското синило, во ништо,
па сепак ја погодуваат целта.
За патоказ
оставаат прашалници.“
Како клучен момент се посочува мотивираноста и потребата од постоење на некаков копнеж што ќе влече напред во животот, што ќе му ја дава смислата на животот. Моќта на поезијата, поетесата ја споредува со воскреснувањето на зборот и на сè она што е оставено како колективна меморија (алудирајќи на големата Александриска библиотека). Во тој контекст, движејќи се од посебното кон општото (заедничкото) и повторно враќањето кон центарот на индивидуата, ја отсликува специфичноста на поезијата на Циндори која остава траги во меморијата на еден посериозен аналитичен пристап кон ова дело.
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 24),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 24)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)