ПОВТОРНО ОКОВАНИОТ ПРОМЕТЕЈ И НЕГОВОТО БУДЕЊЕ
осврт кон поетската книга “Буђење Прометеја: лирски записи” од
Љубиша Р. Митровић. Нови Сад: ПРОМЕТЕЈ, 2013.
Неколку био-библиографски податоци за авторот
Д-р Љубиша Р.Митровић (1943. година) е роден во Мокра, општина Бела Паланка, Србија. Тој е професор емеритус на Универзитетот во Ниш, Србија.
Во последното издание (2011.) од неговата био-библиографија, меѓу другото може да се прочитаат следните податоци:
- објавил 504 трудови, а од нив 100 во последните 3 години;
- објавил 42 книги;
- објавил 103 трудови во коавторство, што укажува дека е за тимска работа
- објавил стручни и научни трудови на 8 јазици во 9 држави;
- како угледен научник и професор изведувал настава по позив на 15 наставни предмети и курсеви, на сите степени на образование, на 20 –тина високошколски установи во Србија и странство;
- учествувал во организирање преку 40 национални и меѓународни научни конференции;
- успешно раководел со реализацијата на 9 наставно научни проекти, а исто така е раководител на најновиот меѓународен проект во кој вклучен нашиот универзитет од Македонија, како и универзитетот од Велико Трново од Бугарија.
Ако се следи работата на проф. д-р Љубиша Р. Митровић, тој има извонредна активност после неговото пензионирање, бидејќи има огромена број активности во последните 5 години.
Како поет досега објавил 18 книги вклучувајќи ја најновата “Будењето на Прометеј”, што е објавена во минатата година. Првата книга поезија Новите варвари ја објавил во 2000 година. Оваа година се навршуваат 10 години од објавувањето на 3 книги поезија во 2004 година и тоа: Архипелагот на спомените, Роднокрајниот венец и Под Соколица.
Книгите Новите варвари (2000.) и Играта на белите атови (2005.) се преведени на бугарски јазик, а книгата Орфеј под Сува планина (2001.), е препеана (од Љубиша Стојановић) на македонски јазик во 2007. година, а три години подоцна е препеана (од Бранко Георгиев) и книгата Копнеж по хоризонтот.
Негови книги и избор од поезијата се преведи и на англиски, француски.
За книгата Будењето на Прометеј
За мотивот
Митот за Орфеј како инспирација за оваа поетска книга на Љубиша Р. Митровић, и како што пишува во рецензијата Димитрије Миленковић “ го вткајува митот за Прометеј во словенската митологија”.
Прометеј го украл огнот од боговите и им го подарил на луѓето, без дозвола од Sевс. Со тоа Прометеј им дал светлина и топлина на луѓето со што радикално ги променил не само нивните шанси за опстанок, туку и за понатамошен развој Најважно е што со тоа им отворил нови можности на луѓето за истражување на светот и откривањето на нови реалности и нови визии. За тоа Прометеј го навлекол гневот на Sевс, кој наредил да го оковаат на карпа и орлите вечно да му ги колваат џигерите.
Големината на жртвата на Прометеј е во тоа што тој знаел дека за таквата постапка сигурно го очекува страшна казна.
Прометеј е запишан во историјата на Човештвото со златни букви, заради тоа што со неговото дело не само што им дал средство за опстанок на луѓето, туку со својата постапка им дал вечна инспирација на сите оние кои се онеправдани и угнетени. Веројатно дека самиот чин на бунт на Прометеј против Sевс и неговата свесна жртва, се инспирации за сите поголеми револуции или промени во историјата на Човештвото. И не случајно Карл Маркс запишал дека “Прометеј е најблагороден светец и маченик во филозофскиот календар”.
Затоа тој бил, е и ќе биде вечна инспирација за сите луѓе, секаде и секогаш.
За книгата
Книгата Будењето на Прометеј има вкупно 55 песни и е поделена во три делови и тоа: I Пред сфингата на Прометеј (14 песни), II Време на спектакли и новото оковување на Прометеј (21 песни) и III Будењето на Прометеј – поттикнување/раѓање на слободата (20 песни).
Книгата има предговор од авторот и Поговор: Прометејската линија на пеењето од Мирослав Тодоровић.
Вториот дел од книгата, авторот Љубиша Р. Митровић, го започнува со песната Богови, во која го има мотивот од Фоербах за релациите меѓу луѓето и боговите:
Човекот
Ги измислувал боговите
По своја лика и прилика
………………………………..
………………………………….
Со својата фантазија
Ги издигнувал
До Небото
А потоа заборавил
Дека тие се
Негово дело
Почнал
Да се чувствува
Како мравка
Пред Голијат
Во сенката на џинот.
Но понатаму Љубиша Р. Митровић, не потсетува на многу значајна работа што многу луѓе ја заборавиле, а во исто време му оддава почит и на Орфеј, во песната Потомци на боговите:
Орфеј сметал
Дека
Поетите и филозофите
Се потомци на боговите
Зачнати
Од стремежот кон слободата
Од страста и чудењето
Да се опејува убавината
И да се трага по
Вистината
И Мудроста.
Првиот дел од книгата поетот го завршува со потсетувањето на боговската природа и капацитети на луѓето со песната Дрво на животот:
Од Адам и Ева
Долга редица
Го продлабочува време
Во градината на животот
Од сплет
На човечки ликови
Високо во небото расте
Го подигнува
И гради
Дрвото на животот.
Маж и жена
И бројни деца
Исплеле
Кошара
До небото.
Во вториот дел од книгата Времето на спектакли и повторното оковување на Прометеј, Љубиша Р. Митровић, во своите песни пее и верува дека се во право и Жан Жак Русо «Човекот се раѓа слободен, но насекаде е во окови» и Гете «Никој не е побезнадежно заробен, како оние кои лажно веруваат дека се слободни» (стр.37).
Меѓутоа во првата песна во проза со наслов Новите Прометеи Љубиша Р. Митровић, почнува со омаж за интелектуалците како Нови Прометеи, а потоа низ другите песни укажува на новите пороци (прекумерното вооружување, примената на сила над правото, односно доминацијата на воено-технолошкиот комплекс над светот, преку искушенијата на дрогата, парите, компјутерите и интернетот и на крајот во тој свет без алтернатива укажува на најсовремените искушенија на денешниот Левијатан, во песната Фарма на слатки роботи:
Џиновски октопод
Го зграпчил
И го јаде светот
Го вшмукула човечкиот мравјалник
Неговата киклопска уста
Се вечно ненаситни
Човечкиот вид
Наместо со Човечност
Да израснува во Сечовек
По Земјата лазата
Орди на човечиња
Кои кривожедно
Се борат за опстанок
На пат сме
Човечката цивилизација
Да ја замени животинска фарма
Од слатки роботи
Потрошувачка цивилизација
На лакоми киклопчиња.
Во третиот дел од книгата, кој е всушност централен и по мотивите и по идеите и вредностите, Љубиша Р. Митровић, со поднасловот Будењето на Прометеј – поттикнување/раѓање на слободата ги дава неговите најзначајни пораки.
Имено, тој смета дека сега повеќе од било кога е потребно будењето на луѓето и на Прометеј како симбол за тоа. Тоа го почнува со песната Те будам:
Те будам
Во своите соништа
Принцу на слободата
Архангелу на добродетелството
Со твојата сила
На Праведноста
На крилјата на слободата
Зазорува златна зора
За човештвото.
И покрај тоа што укажува дека борбата не е уште завршена, а тој во песната со индикативен наслов Гласови/Претсчувства, сепак искажува огромна верба во младите и во новите генерации:
Претчувствувам
Тоа новата генерација
Во потрага по себе
И својата ѕвезда
Јуриша кон небото
Како Прометеј
Го краде огнот од боговите
И го дарува на луѓето
Од сите страни
Слушам радосно кликање
Да живее слободата!
На крајот со уште една песна во проза Љубиша Р. Митровић, завршува маестрално во поетско-филозофска смисла:
Играта значи, не е завршена. … Зар не го слушате повикот на орото? Тоа вас ве повикува. Придружете му се! Вклучете се со своите соништа во играта на создавање на сопствената историја! Не се двоумете! Изборот и одлуката се ваши.
Се на се, една извонредно инспиративна, мотивирачка и со длабоки и трајни вредности поетска книга, која најтопло ја препорачувам на сите љубители на поезијата и на филозофијата.
*Текстот е напишан и презентиран на промоцијата на книгата од проф.д-р Љубиша Митровиќ, што се одржа на 11.април 2014 година на Педагошкиот факултет во Битола.
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 24),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 24)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)