Автор на сликата: Љубица Мешкова Солак
ПРЕКАСАН ЈАЗИК
среде тенките жилички на небото
во кои заискрува бела мугра
што го чува сонот на нашите предци
и јавето што нѐ носи де напред де назад
но сепак тука
среде ликовите што живеат
во нашата колективна меморија
и кои како сегашност ни течат во вените
со имиња што ги носат како амајлии
нашите деца
среде седум-осминскиот такт
што потскокнува пламено, но стамено
на ушните тапанчиња на времето
среде песната што се раѓа во породилни болки
од грлото на народниот пејач
и перото натопено во крв
среде стожерот околу кој се вртиме деноноќно
за да има крв во годовите и леб во годините
кога надвор од кругот излегуваме
среде полињата од кои го јадеме лебот
замесен од испуканите дланки на сонцето
што личат на бессоните ноќи на мајка
ете таму живееме со папочна врвца поврзани
браќа и сестри
синови и ќерки
таковци и мајки
на едно парче земја со прекасан јазик
Даниела Андоновска-Трајковска