АНАТОМИЈА НА БУМБАРОТ
Не се распрашував околу деталите за истрагата на убиството.
Од малку поинакво гледиште од она што го имав пред да посегнам по животот на рекетарот-лихвар, би додал дека тоа го извршив на некое, не превисоко ниво на извршување над она на кое убиството би се нарекло аматерско и клучните две околности за моето неоткривање веројатно беа фактот што во тој дел од денот немаше буквално никого ниту на споредната уличка, ниту на соседните два паралелни сокаци кои ја омеѓуваа (и ако некој воопшто би можел да се појави како сведок, би го сторил тоа во полуразбудена состојба) и непостоењето сосема дефинирано видно поле, со оглед на далечината на куќите и потенцијалните сведоци.
Надежта, во случајов дека ќе научам нешто суштинско за оваа работа со првото убиство, уште еднаш е претркана од самите ограничености кои ги носи реалното искуство.
Моето заминување оттаму кон некои скриени места кои ги имав проучено претходно, отпочна неполна секунда по последниот истрел.
Стигнувам дома, без брзање. Веќе имав изготвено план на движење за да ги елиминирам или барем сведам на минимум можностите за трагање.
Изведувајќи неколку те елипсоидни те линеарни или цик-цак вијугања низ делови од градот, го минувам домашниот праг.
Никогаш немав искусено ништо слично и описот на чувството тие неколку бродоломно тентативни минути непосредно по чинот е сѐ уште неизводлив.
Брзината на мислите и доживувањето на хормоналните промени се главните преокупации на мојот ум, но сепак под негова артикулација.
Фактот дека одреден период од животот рутински симултано ги имав совладувано генеративните механизми на сите типови мисли подразбира дека за кратко ќе ги надминам и овие и без особена надеж.
Седам на маса со алкохол. Го вклучувам бучниот телевизор кој никогаш не го вклучувам, заради атмосфера на некаква блага и парадоксално опуштачка какофонија, го вклучувам и радиото, сепак го гасам звукот на телевизорот, истурам во чашата и го оставам умот да си го најде својот пат посматрајќи го благото претопување на моето внимание кон навидум спонтано променливата џез ноар музика од радио станицата.
***
По апстрахирањето кое се случува неколку часа подоцна, конечно можам да го определам самиот миг на истрел како чин во кој како некој екстатично в лице да ми истури цел океан различни емоции збрани во кофа доволна да ме облее и во миг повеќе од доволен да се разлее во деновите потоа.
Емоциите најопшто можам да ги опишам како „сидрата“ на бродовите кои ги пренесуваат аргументите за и против убиството.
Цели спектри од некоја опскурна жал, но и далеку поснажен испровоциран и вештачки генериран бес, згрозување од себеси и жртвата, нешто како микро-каење во мигот на потегнување на чкрапалото или мигот кога ја здогледав крвта, не се сеќавам, амплитуди на возбуда пред и потоа кои со себеубедувањето ги задржувам во граници на нормалата, мал страв кој повеќе се должи на можноста дека нешто нема да оди согласно планот, но кој по уверувањето во спротивното бидува совладан истиот момент со возбудата или малку пред неа заради неопходноста од инстантно делување.
И сите тие во ебено истовремени или напоредни експлозии кои се обидуваш да ги материјализираш, спакуваш (ако нејќеш да ги распрснат на парчиња) и да ги качиш на бродовите.
Едното сидро е полесно, така што неговото подигање е природно полесно и неговиот брод поаѓа оставајќи го другиот зад себе.
Си мислам: комплексноста на личноста си го прави своето и очигледно за мене ова чин минуваше и сакал-нејќел ќе мине низ повеќе филтри на емоционалното и мисловното и затоа најпаметно е да го ставам фокусот на трети работи.
Алкохолот е некако сув и тежок, на желудникот му треба нешто освежувачко.
Правам досега непробана коктелна комбинација од постоечкиот со уште два други алкохола, додавам апсинт, мед, на крајот сечам и стискам лимон и додавам лед.
Немам ни блага прогноза за вкусот и баш затоа успевам да се изненадам уште толку од неговата оживувачка моќ која ме втерува пред компјутерскиот екран.
Се логирам на сајтот.
„Завршено“ оставам порака.
По половина час одговор:
„Ја добив информацијата. Во текот на денот ќе ти биде исплатен остатокот.“
„Во ред.“
„Ти благодарам за соработката. Ќе те препорачам кај друг клиент.“
„Ќе продолжам од други профили. Ќе ти ги линкнам наскоро.“
Оставам одобрувачки емотикон и со коктелот в рака се повлекувам во полуудобната положба на столот над кој климаво се грбавеам и потпирам наизменично.
Што повеќе се обидувам да не размислувам тоа повеќе мислите навираат и затоа, откако ги прифаќам, една по една го олабавуваат својот стисок и ме оставаат да си го пијам импровизираниот коктел со блештаво зелениот екран и карти пред очи.
Игра по игра. Овојпат софтверот е нешто помалку инволвиран и за чудо, тоа ми помага да рипнам со добивката.
Ја прекинувам играта за да ја проверам состојбата на сметката: 2,87 биткоини или 25 000 евра согласно моменталниот курс или педесет розеви банкноти од по 500 и веднаш испраќам кратка порака составена од едноставно благодарам на клиентот.
Ќе гледам да ги подигнам идната недела преку еден пријател кој заминува во странство.
Денот согласно очекувањата не е ниту лесно сварлив ниту така лесно поднослив, а од самиот процес на извршување на убиството не е дека научив премногу за оваа работа.
До некаде уште тогаш ми се вртеше претпоставката дека би далеку повеќе на други начини одошто преку пукање со конвенционално огнено оружје, како и тоа дека перспективата која токму сега ми влегува во очи ќе биде каква што е.
Сега успевам да согледам толку детали; го земам дневникот и едноподруго ги евидентирам сите слабости и потенцијални грешки во долга редица до крајот на третиот лист.
Од позитивните страни се издвојуваат двете елементарни и очигледни: прво, 50 розеви банкноти со чудни зданија и мостови на лицето и грбот не е вообичаениот износ на исплата кој го добивам за било што; и второ, познавајќи се себеси знам дека од овој миг патувањето кон Точката е де факто отпочнато и до крајот на денот ќе ги подигнам обете сидра во обата брода и тие ќе запловат со полна пареа кон својата следна цел.
(Марковски, С. (2020). Анатомија на бумбарот. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. Д. Андоновска-Трајковска, М. Димитријовска Радевска и С. Гаџова Свидерска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 21-22, стр. 63-66)