Даниела Андоновска-Трајковска
Од „Математичка поезија“ (Центар за култура и културолошки студии, Скопје, 2020) – награда за поезија „Ацо Шопов“ од Друштвото на писателите на Македонија
ГЛОБАЛНА ФАТАМОРГАНА
слика сме рамна со многу точки
– во нив живееме
како отпечаток со висока резолуција
како клопче што се тркала меѓу сонот и јавето
го држиме конецот на нашите животи
од едната страна туѓа рака нѐ фрла како зрнца песок
во стаклениот поглед на нашиот Бог
од другата страна сме ние самите
без опрема за нуркање
од дното на морето
го спасуваме својот лик залепен на рамнината
не знаејќи дека сме само една точка
од глобалната фатаморгана
во која живееме како богови…
Уметничката слика е од ликовниот уметник Љубица Мешкова Солак.
Графичкиот дизајн на картичките го изработи писателката Весна Мундишевска-Велјановска.