ВЕЧНАТА КУЌА
– седма сцена –
(Стела Бенвениста кај Рабинот Ицак Коен. Таа доаѓа со куферот, облечена за на пат, со црн шешир, авионска карта и еден врзоп од стотина клучеви во рацете. Рабинот Ицак Коен е слеп, во бела долга кошула, седнат како на Камен трон.)
Стела Бенвениста:
Добровечер Раби Ицак Коен, пред мојот далечен пат за Македонија дојдов да ве видам.
Рабинот:
Јас не ве гледам, но ве знам. На истиов камен стол на кого седам, првпат ги допрев вашите раце и го слушнав вашиот глас точно пред речиси шест децении во Октомври 1948 година, кога стигнавте во штотуку формираната држава Израел. Јас сум слеп од раѓање, но тогаш кога ве прашав од каде доаѓате, а вие ми рековте од Македонија, јас ви реков запејте една песна од македонските Евреи и вие ми запеавте. Во вашиот глас го препознав вашето лице, бојата на вашите очи, сјајот на вашите коси. Вие тогаш немавте ни 20 години, а јас се ближев до триесеттата. Вие бевте многу блиску до мене, како што сте сега и кога пеевте вашиот здив мирисаше на балканските трендафили, каде цутела Еврејската цивилизација последините 3000 години…
Стела Бенвениста:
Сеуште го употребувам истиот парфем што го правам од трендафилите под Водно од Нерези, што секој мај ги добивам во свежа состојба.
Рабинот:
Значи вие се допишувате со Македонија на ниво на трендафили.
Стела Бенвениста:
Да, се допишувам со Македонија на ниво на трендафили и ја одржувам мојата тајна за Македонија на ниво на овие сто клучеви.
Рабинот:
За какви клучеви станува збор?
Стела Бенвениста:
Во почетокот на мај 1943 година кога се спроведуваше рација врз Еврејското население во Македонија од страна на бугарската фашистичка власт во соработка со Гестапо, јас му реков на татко ми: татко премил мој врзопот на клучеви што го држиш од нашата куќа дај ми го мене јас да го чувам, зошто знам еден божји глас ми вели, еден ден ќе се вратиме пак… и сите бевме пред прагот на влезната врата, јас, мојте три сестри и моите четири браќа. Татко ми и мајка ми, сите изгореа во Треблинка, само брат ми избега а јас бев спасена во миг што сум ви го објаснила толку пати како провидение и овие клучеви ги носам со мене од Аушвиц. Речиси шест децении подоцна јас ќе се вратам бидејќи провидението се оствари… замислете утре патувам на летот Ерусалим-Скопје, куќата ми е вратена со правен акт од законот за денационализација, но знам што ќе правам со овие сто клуча, каде во која брава треба да ги ставам, и еве пред вас за да го благословите мојот пат, ќе си повторам тивко во себе и ќе ги пребројам стоте клучеви еден по еден.
Рабинот:
Стела… слеп сум, а слушајќи те сакам да онемам. Ех, Стела! Колку би сакал да тргнам со тебе на тој пат… кажи ми сега за клучевите, за овие клучеви херои што ги преживееа логорите на смртта, што ги преживееа сите 22000 одења секој ден на Ѕидот на плачот. Кажи ми за нив Стела, да го слушам твојот Боженствен глас.
Стела Бенвениста:
Еве да почнам од салонот. Ова е клучот од Солунскиот салон со огледала и 7 менори, со трпезарија на која можат да ручаат 62 гости, потоа влегуваме во Виенската Одаја, Овој е од одајата Севиља, овој е од одајата Алхамбра, овој е од одајата Парис, овој е од Салонот од Истанбул, овој е од салонот Минхен, овој е од Пловдивската одаја, овој е од Ковчегот од Ерусалим што ни беше донесен од овде, овој е од Венецијанскиот салон, овој од Дубровничката Мусан-дра, овој е од салонот Рим, од Костур од Воден, од Пела, овој е од Руската одаја, овој е од одајата во Одеса… ги знам по години… нашите предци живееа 456 години во таа куќа.
Нашето семејство Бенвениста ја посеа Европа со сјај, со песна, со тага и со смрт што заврши во крематориумите на Втората светска војна… овој од 1512, овој е од 1642, овој е од 1696, овој е од 1755 кога бил земјотресот во Лисабон мојот прадедо донел една музичка кутија од Лисабон што кога ќе стигнам ќе ја пуштам, и кога ќе стигнам во Скопје ќе ги отворам една по една сите врати, сите прозори, сите ковчези, сите кутии, и ќе викам на цел глас: Се вратив во новиот Ерусалим, еве се вратив во Македонија, таа е за мене новиот Ерусалим бидејќи ни ја врати Вечната Куќа од 1492 година. Тоа ќе го направам Раби, благослови го мојот пат.
Рабинот:
Дај ми ги малку сите клучеви Г-ѓо Стела Бенвениста, за да го стоплам моево како камен студено срце, и хукни ми малку мирис од балканските трендафили, пред моиве слепи очи, земи ме и мене стави ме во куферот свиткан во фолија, како безживотен створ, и јас да влезам со тебе во таа куќа – Нов Ерусалим, да одлетам во непознат правец оти ништо не вредело – Сето знаење на светот, што го собрав во мојата пуста глава, твоите спомени на сите врати кои сакаш да ги отвориш, во нив можеби се крие зборот Цивилизација, толку жестоко компромитиран збор со кого секојдневно го покриваме значењето на меморијата на човештвото.
Нема меморија, нема човештво, нема Цивилизација, сонот дека постоиме е всушност нашата заблуда дека се враќаме, а вратени сме пред да тргнеме, и тргнати никаде не сме пред да се вратиме, зошто земјата е обесена на ништо, вели Библијата, ќе отвориш и ќе видиш – Ништо! Но ќе отво-риш и ќе видиш во твојот живот се случува нешто един-ствено, неповторливо величенствено. Ти ќе стигнеш во ку-ќата од 1492, што не залудно твојот далечен предок ја на-рекол Вечна Куќа – БЕТ ХА-ХАИМ. Тој имал длабока причина зошто и од таа причина, не ти туку лично Бог, ги сочува 100-те клуча што ќе ги отворат сите одаи, сите ормари, сите мусандри…
Стела Бенвениста:
Раби мој, ако некој од моите наблиски ве праша каде сум, вклучително и мојата родена ќерќа, речете, Ве преколну-вам во сè што ви е бесценето во срцето, речете дека отпа-тував во врска со една добротворна мисија на Јудеја-Бал-каника, за да нема недоразбирање околу моето неочеку-вано напуштање на Ерусалим.
Рабинот:
Стела Бенвениста, благословена бидете од Господа и сите нопознати сили! Одете на Балканот и фрлете поглед на првиот надгробен камен во светот што е пронајден на македонски тло со име Аврам уште од 57 година пред Христа. Оставете камен на првата Синагога на европско тло во Стоби. Помислете на сите еврејски сонувачи, авантуристи, пробисвети, мудреци, филозофи, лекари, трговци и книжари, независно дали биле бескрајно богати и бескрајно сиромашни, видете ги Балканските тврдини, Археолошките ископини, отоманските цараван Сараи, езерата, дрвјата, Ангелите по фреските и планините, се што не можев да видам јас – нека видат вашите очи!
Стела Бенвениста:
(Од едно мало врзопче во клучевите истура лисја од Балкански трендафили, и ги распоредува по целото атеље на Рабинот оставајќи го остатокот во неговиот скут.)
Раби, дозволете ми да ви ги бакнам рацете.
Рабинот:
Те чекам да се вратиш. Прегрни ја од мене Вечната Куќа од 1492… Среќен пат!
(извадок од драмата „Вечната куќа“)
(Плевнеш, Ј. (2014). Вечната куќа (Седма сцена). Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, К. Неделковски и В. Мундишевска-Велјановска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 10, стр. 12-16)