
Златко Жоглев (1959, Битола),е доктор по социолошки науки (1996.). Од 2002 година е избран, а во 2007 година е реизбран, за редовен професор на Педагошкиот факултет при Универзитетот “Св.Климент Охридски” – Битола (УКЛО). Бил Ректор на Универзитетот “Св.Климент Охридски” – Битола во два мандати (од 1.10.2007 година до 30.09.2011 година и од 1.10.2011 година до 30.09.2015 година).
Досега му се објавени 4 учебници и 3 книги. Како коавтор има свои текстови во 7 монографии на македонски јазик, две на англиски јазик и две на германски јазик. Од 1983 година до денес објавени му се повеќе од 200 научни, стручни и научно-популарни трудови во домашни и меѓународни списанија.
Двапати е добитник на наградата на град Битола „4-ти Ноември“, еднаш поединечно (за книгата „Компјутеризацијата и општеството“) и вторпат како дел од тимот и коавтор (за книгата во три тома „Печатарството и издаваштвото во Битола“).
Досега има објавено 100-тина текстови (есеи и раскази) во локални, регионални и национални списанија и весници. Во разни списанија досега му се објавени 100-тина песни, а преведувал и препејувал разни текстови од англиски, француски, руски, бугарски, српски на македонски јазик.
Во 2014 година заедно со Гордана Стојаноска и Даниела Андоновска-Трајковска, ја објавиле поетската книга „Збор за зборот“. „Сенката на добриот човек: кратки поучни приказни“ му е објавена во 2018 година, а во 2019 година објавил три поетски книги-боенки за деца („Зајко бајко и кучето Трајко“, „Мечката и штркот“ и „Снаодливото јаренце“).
Член е на Македонското научно друштво (МНД) – Битола, Српската Академија на образование (САО) – Београд, Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и на Битолскиот книжевен круг (БКК).