
Даниела Андоновска-Трајковска (3 февруари 1979, Битола, Македонија) е македонска поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), на Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна, на Битолскиот книжевен круг (БКК) и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола, каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет. Главен уредник е на списанијата „Раст“ (БКК) и „Современи дијалози“ (МНД-Битола), а се занимава и со преведување на уметничка литература (од англиски на македонски и обратно). Има објавено над 100 научни трудови објавени во референтни меѓународни научни списанија, 8 книги поезија: „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, Матица, Скопје, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, Македонско научно друштво, Битола,2015), „Црна точка“ (Битолски книжевен круг, Битола, 2017), „Стапалки“ (Македонско научно друштво, Битола, 2017), „Три“ (Современост, Скопје, 2019), „Куќа на контрасти“ (Матица, Скопје, 2019), „Електронска крв“ (ЦК„Ацо Караманов“ – Радовиш, 2019), Математичка поезија“ (ЦККС, Скопје, 2020), една прозна книга „Кафе, чај и црвено небо“ (Бран, Струга, 2019), две меѓународни стручни публикации за водство во образованието и еден универзитетски учебник „Критичка писменост“ (2019). Нејзината книга „Електронска крв“ е преведена на арапски јазик од Раед Анис Алјиши и објавена во Обединетите Арапски емирати од реномираната издавачка куќа Рашавен во 2021 и претставена на светскиот саем на книгата во мај 2021 во Абу Даби. Застапена е во бројни книжевни списанија и антологии, а преведена е на над 38 јазици (српски, босански, хрватски, словенечки, албански, бугарски, англиски, кинески, арапски, виетнамски, италијански, романски, украински, полски, турски, узбекистански, бенгалски, германски, француски, холандски,португалски, сицилијански, грчки, хинди, јапонски, персиски, исландски, филипински, руски, тамилски, ирски, ерменски, индонезиски, хебрејски, малајски, каталонски,…) Добитник е на повеќе награди меѓу кои позначајни се: Празник на липите (ДПМ, 2018), „Крсте Чачански“ за проза за „Кафе, чај и црвено небо“ (2019), Караманов 2019 за поезија (за „Електронска крв“), Македонска книжевна авангарда за „Куќа на контрасти“ (Фондација за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје, 2020), Abduvali Qutbiddin (Узбекистан, 2020), Premio Mondiale “Tulliola- Renato Filippelli” за „Електронска крв“ во Италија (2021), “City of Galateo-Antonio De Ferraris” (Рим, 2021), и највисоката награда за поезија што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија „Ацо Шопов“ (ДПМ, 2021).