
Весна Мундишевска-Велјановска е родена 1973 год. во Битола. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонското научно друштво – Битола и на Битолскиот книжевен круг.
Автор е на 13 книги поезија, книга со критичко-есеистички текстови и коавтор на книга со песни за деца, а автор и коавтор е и на 6 стручни книги. Нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици. Застапувана е во антологии. Добитник е на наградата за необјавена дебитантска книга поезија во едицијата „Алфа“ (Скопје, 1994) за книгата „Во сонот сон“, награда „Караманов“ за необјавена книга поезија (Радовиш, 2007) за книгата „Вибрации на духот“, наградата на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра песна на манифестацијата „Празник на липите“ (Скопје, 2016), прва награда и јубилејна грамота на меѓународниот славјански конкурс за преводи (Русија, 2017), награда на МНД за научно-образовен придонес (Битола, 2018), награда „Бранувања“ за најдобра песна на манифестацијата „Струшки книжевни средби“ (Струга, 2019), и бројни други награди за поетски творби.
Главен и одговорен уредник е на списанието за култура – книжевност, драмска уметност, филм и издаваштво – „Современи дијалози“ чиј издавач е Македонското научнo друштво (МНД), член е на Уредувачкиот совет на МНД, а била уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, уредник на книжевниот билтен „Плима“, главен уредник на книжевниот билтен „Изрек“, уредник на списанието за современо воспитание, образование и наука „Воспитни крстопати“, уредник на стручниот билтен на наставниците „Разгледи“, како и уредник и главен уредник на триесетина поетски книги и зборници.
Била претседател на Друштвото за литература и култура „Развиток“ – Битола и на Книжевна младина на Македонија – ОК Битола, како и секретар на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“. Настапувала на бројни книжевни манифестации, а неколку години ја уредувала и водела радио емисијата „Поетска квечерина“ на Радио Битола. Амбасадор на мирот е во Cercle Universel Des Ambassadeurs De La Paix – Suisse/ France од 2016 г.
Објавени книги:
- „Во сонот сон“ (1994), поезија
- „Неспокојно сонце“ (1997), поезија
- „Ден-денување“ (1999), поезија
- „Птицоврик“ (2000), поезија
- „Вонземски сводови“ (2001), поезија
- „Вибрации на духот“ (2007), поезија
- „Поетски дијалог“ (2010), поезија, коавтор: Милица Димитријовска-Радевска
- „ДвОглед“ (2015), поезија
- „Вибрации на духот“ (2015), второ издание
- „Срцевина/ Njedz di inimā“ (2016), избор од поезијата на македонски и влашки јазик
- „Калеидоскоп“ (2017), критички осврти и видувања
- „ДвОглед/ DaOvider“ (2017), издание на македонски и влашки јазик
- „У чаури века“ (2019), избор од поезијата на српски јазик
- „Сообраќајна песнарка“ (2019), поезија за деца и млади, коавтор: Даниела Андоновска-Трајковска
- „КонтинуУМ“ (2020), поезија