Писателот Кире Неделковски е добитник на наградата „Книжевен круг“ за поезија на конкурсот распишан од Битолскиот книжевен круг за 2020 година. Наградата му беше доделена на десетттата меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“ која се одржа во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола на 31 октомври и 1 ноември 2020 г.
Во рамките на манифестацијата беше организирана и промоција на наградената книга, а во излагањето д-р Славица Гаџова Свидерска, која е и рецензент на книгата истакна:
„Поетската збирка Манастир од мисли на македонскиот поет Кире Неделковски е една од ретките во македонската поезија која се издвојува со својата сакрална, метафизичка и христијанска димензија. Оваа концептуална поетска книга која за свој доминантен симбол го има манастирот, како точка на поврзување на земното и оноземното, ја нагласува метафизичката вертикала кон вечноста, наспроти световната хоризонтала на смртноста и минливоста. Лирскиот субјект во поезијата на Неделковски има поглед кој постојано е насочен нагоре во својата потрага по апсолутното, односно кон вечниот живот во Бога. Во својата потрага кон вечното и бесконечното, лирскиот субјект гради свој „манастир од мисли“, метафора која се провлекува низ сите циклуси во збирката. …За лирскиот субјект на Неделковски, современиот свет и современиот живот се форми испразнети од значење и смисла, па затоа „манастирот од мисли“ е неговото духовно скривалиште да се избега од бесмислата на современиот живот, нудејќи му подготовка и прочистување за полнотијата на смислата на оноземниот живот.“
“
На манифестацијата беа доделени и наградите „Книжевен круг“ за проза (за книгата „Фауст го трча плебејскиот круг“ на Стефан Марковски) и „Книжевен круг“ за книжевна критика (за книгата „Профили“ на Весна Мундишевска-Велјановска), како и наградата „Лингва“ за превод и афирмација на македонската литература која ѝ беше врачена на Олга Панкина.