Писателката Олга Панкина е добитник на наградата „Лингва“ за превод и афирмација на македонската литература, на конкурсот распишан од Битолскиот книжевен круг за 2020 година. Наградата ѝ беше доделена на X-та меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“ која се одржа во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола на 31 октомври и 1 ноември 2020 г.
Во рамките на манифестацијата беше организирано и претставување на наградената писателка, а во излагањето писателката Мирјана Стојановска истакна:
„Олга Панкина е автор на преводите на 60 книги од македонски писатели, како и на преводите на творби (поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички) од 270 македонски писатели, презентирани во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави. Таа е автор на проектот „Библиотека на литературата на Македонија“ со што приреди, преведе и обезбеди средства за печатање на антологиите: „Македонски раскази“ (2009, застапени 50 македонски раскажувачи), „Современа македонска драма“ (2010, застапени 8 драматурзи), „Современа македонска поезија“ (2011, застапени 64 поети) – досега најрепрезентативни изданија на македонската книжевност на руски јазик. Исто така, Панкина е автор на значајниот проект „Македонскиот роман на 21 век“ (едиција од 12 книги) што се реализира во соработка со Серуската државна библиотека за странска литература „Рудомино…
Секако дека успешноста и поттикот за преведување лежи во големата љубов на Панкина кон поезијата, кон литературата, кон уметноста воопшто. Таа и самата е поетеса и автор на поетските збирки: „Предзимје“ (2013), „Паралелни светови“ (2015) и „Плисок“ (2018). Тоа е онаа длабока суштинска нишка во целокупната нејзина преведувачка дејност. Тоа е причината што нејзините преводи на прозни дела и препеви на поетски дискурси од различни македонски автори, Панкина ги направи со голем усет за уметничко транскрибирање на мислата, на пораката, на римата и метафората во литературните дела. Таквиот ангажман секако дека изискува посебна енергија, љубов и посветеност што произлегува длабоко од човечкиот порив да се создава и пресоздава уметноста како MIMESIS, што пак филозовски ја објаснува смислата на човечкото постоење. Тоа Панкина го потврди со нејзиниот голем преведувачки опус со што нејзиното име останува длабоко врежано во македонската научна и книжевна литература.“
На манифестацијата беа доделени и наградите „Книжевен круг“ за проза (за книгата „Фауст го трча плебејскиот круг“ на Стефан Марковски), „Книжевен круг“ за поезија (за книгата „Манастир од мисли“ на Кире Неделковски) и „Книжевен круг“ за книжевна критика (за книгата „Профили“ на Весна Мундишевска-Велјановска).