ПРИМКА
1.
АКТЕРКАТА
(Во домашен амбиент,пред огледалото во спалната соба, актерката го репетира текстот за улогата на Ана Карењина, во истоимената претстава, што треба премиерно да биде изведена во Националниот дворец на културата, по само неколку часа.)
Актерката: „Скоро сѐ ќе се расплети и ние сите ќе се успокоиме и нема повеќе да се мачиме. ..Јас нема да го преживеам тоа… Го знам јас тоа, го знам сигурно. Јас ќе умрам многу ми е мило што ќе умрам и ќе се избавам и себе си и вас… Не, тоа е вистина… Дека ќе умрам видов на сон… Одамна веќе го видов тој сон. Видов дека сум се втрчала во својата спална за да земам нешто, да разберам нешто; ти знаеш како станува тоа на сон – во спалната, во аголот стоеше нешто. И тоа нешто се сврте и јас гледам дека е селанец со разбушавена брада, малечок и страшен. Сакав да бегам, но тој се наведна над торбата и почна со раце нешто да пребарува во неа…Тој пребарува и изговара на француски бргу, бргу, и, знаеш гласот му се тркала… Од страв сакав да се разбудам, се разбудив… Но, сум се разбудила во сонот. И почнав да се прашувам што значи тоа? А Корнеј ми зборува: „при раѓањето, при раѓањето ќе умрете, при раѓањето, матушка… И, се разбудив…“
2.
ДЕБЕЛАТА ЖЕНА
(Во домашна атмосфера. Во кујната, во мигот на консумирање на обилен оброк ѝ ѕвони телефонот. Во едната рака го држи кроасанот, а во другата телефонот.)
Жената: Ало, да, о тоа си ти мила моја. А, што работам, вообичаено, вежбам. Сè ми се чини дека толку многу ослабев од вежбањето што кога ќе се видиме не ќе можеш да ме препознаеш. Што, кога вчера се видовме не си забележала никакви промени?! Зарем мислиш од вчера до денес не може да се ослаби петнаесетина килограми. Може мила моја, може. Всушност не може секој, ама јас можам… Сакаш да кажеш дека заборавив на нашиот договор, дека сум заборавила на мојата обврска. Драга моја сестричке морам да те потсетам дека ти си мојата обврска, поточно јас сум твојата заштитничка уште кога тато рече дека ќе се откаже од тебе и тоа преку весник. Се сеќаваш ли кога му кажа дека си се запишала во националната академија за филм и театар. Се сеќаваш ли кога му реќе на тато дека ќе бидеш актерка и кога тој поради тоа рече дека повеќе не си му ќерка? Ако се сеќаваш на тоа сигурно ќе се сетиш и на мојата преземена обврска. Јас директно во очи му реков и на татко и на мајка: „Оставете ја, јас ќе си ја преземам грижата за неа – за нејзиното здравје и за нејзината актерска кариера!“ Тоа ги смири, и татко не испрати прилог во весниците дека се откажува од својата второ родена ќерка… Да, да знам што треба да направам и веќе сум во топ форма за извршување на задачата. Знам дека е тоа твоја животна желба, затоа станува и моја. Не грижи се драга моја сестричке, се гледам по претставата!“
3.
ТАКСИСТОТ
(Таксистот застанат покрај телевизорот сместен врз три-четири автомобилски пнеуматици, во гаражата, синхроно ги изговара репликите на актерите од филмот Крамер против Крамер.)
Тед Крамер: Слушај, зошто да не одиш горе и да го видиш, јас ќе чекам тука.
Џоана Крамер (Ги брише солзите од нејзините очи): Како изгледа?
Тед Крамер: Изгледа одлично.
Џоана Крамер: Дојдов за да го одведам синот дома. Ама сфатив дека тој е веќе дома. Јас не сум добар. Немам трпеливост. Мислам дека ќе му биде подобро без мене.
Тед Крамер: Јоана, молам.
Џоана Крамер: И, не те сакам повеќе.
Тед Крамер: Каде одиш?
Џоана Крамер: Не знам.
Били Крамер: Тато?
Тед Крамер: Да?
Били Крамер: Жал ми е.
Тед Крамер: Жал ми е премногу. Сакам да одите на спиење бидејќи е навистина доцна.
Били Крамер: Тато, дали си одиш?
Тед Крамер: Не, останувам тука со тебе. Не можете така лесно да се ослободите од мене.
4.
ЖОЛТОТО ТАКСИ ВОЗИЛО
Актерката (Пред да влезе во такси возилото, жолто по боја како секое такси од Њујоршките улици. Коментар.): Ерик Клептон, Мислам дека тоа му е само добар повод на таксистот да започне разговор. Јас треба да се фатам на јадицата на која како мамец е закачен Клептон или неговиот дамнешен Крим, или можеби некој друг блуз бенд.
Актерката (Влегува во таксито и седнува на задното седиште.): Тоа воопшто не е Ерик Клептон, (Подавајќи ја главата низ отворениот прозорец. Коментар.) му реков, местејќи се на задното седиште и ставајќи си ја големата ташна во скутот.
Таксистот: Ако не e Клептон, тогаш кој е?
Актерката: Не знам кој е, но Клептон не е.
5.
ПРВ ОБИД НА ДЕБЕЛАТА ЖЕНА ДА ГО СОПРЕ ТАКСИТО
(Дебелата жена се појавува од зад аголот на улицата и трча да го сопре штотуку кинисаното такси возило. Не успева. Коментар.)
Дебелата: Не можев да претпоставам дека така можат да чкрипат гумите по стар истрошен асфалт. Брзината му е необична. Чиниш се трка со историјата на градските улици. Во наредната улица ќе биде мое, па, и по цена да легнам пред него на асфалтот…
6.
ТАКСИТО КАКО НОЕВА БАРКА
(Во такси возилото)
Актерката: Зарем нема да прашате до каде треба да возите?
Таксистот: Не знам зошто треба да знам до каде треба да возам. Многу поважно е што успеавте да фатите такси. Треба поради тоа да сте среќна. Да му благодарите на Господ што сепак некаде ќе стигнете. Зарем не ја видовте дебелата жена што мафташе. Не успеа кутрата да се качи во таксито. Ќе си ги искрши ножињата додека да стигне таму каде што треба. А по тоа како мафташе со рацете изгледа дека долго ќе пешачи.
Актерката: Сакате да кажете дека денес таксито е она што некогаш била Ноевата барка. Ако не успеете да влезете во неа големата вода, ќе Ве голтне.
Таксистот: И јас би сакал да е поинаку драга госпоѓо…
Актерката: Госпоѓица.
Таксистот: Добро драга госпоѓице… Кога би било поинаку би бил пресреќен драга госпоѓице. Вака и јас секојдневно му благодарам на Горниот што ми дава можност да најдам спас токму во таксито.
Актерката: Тогаш спасете ме и мене и одведете ме до влезот на Националниот дворец на културата!
Таксистот (Возејќи.): На услуга драга госпоѓице, но најпрво да расчистиме со Клептон. Ве молам одговорете ако не е Клептон, тогаш кој е ова? (Ја менува музиката. )
7.
ВТОРИОТ ОБИД НА ДЕБЕЛАТА ЖЕНА ДА ГО СОПРЕ ТАКСИТО
(Дебелата жена се појавува на тротоарот. Мавта со раката. Такси возилото не застанува. Коментира.)
Дебелата жена: Трешти силна музика од такси возилото. Па, такси возилото наликува на звучник на тркала. Чудо невидено, таксито го управува романтичен таксист. Не поради тоа што сум заљубена во принцес крофните полнети со топло чоколадо, ама гласот на пејачот што излегува од сите отвори на таксито, ми личи на разлеано топло чоколадо. (Со бело шамивче си ја брише потта од челото и гледа во такси лимузината што сè повеќе се одалечува и се губи во просторот. Нервозно вади кроасан од џебот и го загризува.)
8.
АМА ДРЖЕТЕ ГО ВОЛАНОТ, ЧОВЕЧЕ
(Во такси возилото. Актерката и таксистот.)
Актерката: Позната музика. Морам да Ви кажам дека тоа е музиката на моето детство, но и на мојата младост. Тоа е она што најбргу ме враќа во годините во кои учев во гимназијата. Тато ѝ ја подари плочата на мама за 8 Март. Многу години оттогаш секој 8 Март ми завршува и почнува со истата песна. Сепак нема да се трудам да погодам кој свири и кој пее.
Ткасистот (Ги трга рацете од воланот и имитира свирење на гитара. Ѝ говори на актерката гледајќи ја во ретровизорот.): Не ми купија гитара. Научив да свирам на уста-тинтин-тинтин-тинтин. Станав прв гитарист во маалото. Тоачак, Ричи Блекмур, Џими Пејџ, ги кинев нивните сола како никој. Еве види (Имитира свирење гитара со устата.) тин-тинтинтин-тинтин-тин,тин-тин.
Актерката (Избезумена од констатацијата дека колата се движи без да биде управувана.): Одлично свирите гитара, само Ве молам оставете ја понастрана и посветете му се на воланот кој во дадениот случај, Ви значи живот, всушност ми значи живот.
Таксистот (Се свртува кон актерката.): Ме изненадувате драга госпоѓице. Од каде толку многу знаете за мене, поточно од каде знаете што претставува живот за мене?
Актерката: Ама Ви се молам држете го воланот и гледајте напред-пред себе, можете многу лесно да поминете преку некој пешак.
Таксистот: Без молби драга госпоѓице, си ги знам јас своите задолженија, преку зебра можам да поминам и сум минел, ама преку пешак ни мртвов не би поминал, така да знаете драга госпоѓице.
Актерката: Се извинувам ако Ве навредив. И Ве молам не свртувајте се кон мене, гледајте право пред вас.
Таксистот: Имате право драга госпоѓице. Имате право. Мојата работа е многу опасна и одговорна. Треба човек очи да отвора и тоа четири, не две… Сепак мора да признаете дека сум мајка за соло партитури. Кога ќе засвирам симнувам облачиња од небото. Се шират облачињата по земјата, а на нив се гледаат само јавнати жени – еј, само жени – распеани, насмеани убави како божици. Слушнете: Тиу, ниниу, ниниу, тиууу …
Актерката (Панично.): Ама држете ги воланот човеку, ќе прегазевте една жена.
Таксистот ( Се свртува кон актерката.): Дали ја прегазив?
Актерката: Сега засега не, ама не значи дека нема да ја прегазите ако продолжете наместо воланот да ја држите таа ваша така наречена гитарата во рацете.
Таксистот: Смирете се драга госпоѓице. Еве Ви ветувам дека ќе ја свртам колата и Ве водам таму каде што ќе посакате…
Актерката: Вие веќе и заборавивте каде треба да ме одвезете.
Таксистот (Повторно свртен кон актерката на задното седиште.): Ве молам кажете ми, дали жената што пред малку ќе поминев преку неа беше дебела и трома.
Актерката: Не беше дебела, но ако вам Ви одговара да биде дебела и тромава, тогаш нека биде по ваша желба.
Таксистот: Значи беше дебела и тромава.
Актерката (Со нервна напнатост.): Беше и дебела и тромава, беше невидена крофна.
Таксистот: Таа е! Токму таа!
Актерката: Која е таа?
Таксистот: Таа што трчаше по нас уште кога тргнавме од плоштадот „Слобода“. Вистинска супер крофна.
Актерката: Дебелата и тромавата, крофната, трчаше по нас?
Таксистот: На моменти и не натрчуваше, излегуваше пред возилото и мафташе со дебелите раце како со две цепаници.
Актерката: Ви се молам престанете да халуцинирате, всушност ние и не тргнавме од плоштадот, туку од улицата „ Крадци на народот“.
Таксистот (Се свртува кон актерката.): Ајдее, зарем има и таква улица.
Актерката: Не, тоа е улицата на „Народните херои од НОБ“ ама откако на неа изградија куќи и во нив се вселија денешниве политичари народот ѝ го смени името.
Таксистот: Драга госпоѓице јас сум должен да Ве известам. А Ве известувам за да знаете дека јас со моето такси возило секогаш поаѓам од плоштадот „Слобода“. Никогаш до сега не сум тргнал од улицата „Крадци на народот“. А, ако денес сум погрешил тогаш ќе мораме да се вратиме назад и тоа во рикверс.
Актерката: Ви се молам, простете и на мојата брзоплетост. После Вашата забелешка морам да Ви кажам дека ние навистина тргнавме од плоштадот „Слобода“.
Таксистот: Не ние, туку јас самиот тргнав од плоштадот „Слобода“. Со вас тргнавме од улицата на „Крадци на народот“.
Актерката: Најпосле да сè усогласиме.
Таксистот: Сè уште не сме. Треба да погодите од кој гитарист е соло партитурата што предмалку ја свирев на гитарата.
Актерката: Она, тиу- ниу, тиу-ниу. Да погодам од кој гитарист е?
Таксистот: Не само тиу-ниу, туку и нинууууу-нинуууу!
Актерката: Знам, имитиравте сирена на полициско возило.
Таксистот (Го запира возилото и набрзина излегува од него. Бега.): Сирена на полициско возило?! Леле каде најдоа токму сега да ме бркаат. (Се крие во паркот зад расцветан трендафил месечар.)
Актерката (Излегува од возилото го бара. Вика по него.): Господинее! Господинее! Ма, каде отидовте? Па, не реков јас дека Ве брка полиција, туку сакав да кажам…
Таксистот (Се појавува од зад расцутен трендафил.): Шшшшш! Госпоѓице! Госпоѓицее! Дојдете поблиску!
Актерката (Му се приближува.): Леле, ама Вие навистина сте се уплашиле…
Таксистот: Не, само излегов да мочам, знаете кога ќе слушнам полициска сирена секогаш ми доаѓа да го испуштам. Сакам да кажам ми се јавува голема потреба да мочнам. Да не дојдовте и вие да моч…
Актерката: Глупости, па нели Вие ме повикавте.
Таксистот: Добро, кога веќе сте овде сакам да Ви кажам: ако навистина тргне некое полициско возило по нас, бидете подготевена да си ги замениме местата… Јас… Јас…
Актерката: Сакате да кажете јас да седнам на шоферското место? Слушајте, да Ви кажам: Тоа не доаѓа во предвид. Од една единсвена причина – не знам да возам. Никогаш досега не сум седела на шоферско место. А, нема да седнам ниту сега.
Таксистот: Па, и јас не знам да возам.
Актерката: Како бе, незнаете да возите?
Таксистот: Всушност знам, ама немам дозвола…
Актерката: Немате дозвола да возите такси? Па, не сте едиствен, многу таксисти возат на црно…
Таксистот: Јас немам дозвола за возење кола.
Актерката (Го граба за реверите од палтотот, го подига и му говори директно во лицето.) : Влегувајте веднаш во таксито и со полна брзина право кон Националниот дворец на културата… Треба да стигнам на време. Знате ли Вие дека денес е денот Д за мене и за мојата актерска кариера. (Го отфрла таксистот од себе и збесната трга кон такси возилото.) Денес ја играм мојата животна ролја. Од денес па понатаму, во целиот мој животен век ќе бидам Ана Карењина. Да, ќе бидам жената што љуби и умира поради љубовта… Слушнавте ли умира…
Таксистот (Влегува во такси возилото.): Ајде поаѓаме и Ве молам издржете, немојте да умрете пред да стигнеме… И запомнете, вие сте шоферот на такси возилото…
Актерката (Влезена во таксито.): Ако не стигнеме на време, и не ја одиграм улогата Вие ќе бидете виновникот. За тоа ќе ми платите со главата.
Таксистот: Ама Ви се молам, немојте, рано е за плаќање. Наплатувам откако ќе стигнеме.
9.
ТРЕТ ОБИД НА ДЕБЕЛАТА ЖЕНА ДА ГО СОПРЕ ТАКСИТО
(Дебелата жена се појавува од зад аголот на улицата мафтајќи со рацете и викајќи по таксито.)
Дебелата: Таксии! Таксии! (Откако ќе заклучи дека и овој пат нема да успее да влезе во такси возилото.) Требаше малку да побрзам за да го фатам додека мочаше зад трендафилот во паркчето. Расипан човек, среде бел ден моча во паркот и тоа врз трендафил месечар. Мразам таксисти што немаат еколошка свест. Не е, воопшто чудо што сите такси возила имаат жолта боја. Кога такси возилата би биле офарбани со зелена боја таксистите би мокреле во такси возилата на секој километар. (Одмавнува со раката. Ја брише потта од челото па повторно му се одава на задоволството што и го причинува јадењето на кроасана наполнета со крем.)
10.
ВИ СЕ МОЛАМ НЕМОЈТЕ ДА СЕ ВОЗБУДУВАТЕ
(Таксистот и Актерката.)
Таксистот (Во такси возилото.): Морам да Ви кажам дека сега ептен сум возбуден.
Актерката: Ви се молам немојте да пуштате музика и немојте да свирите гитара, сконцентрирајте се на возењето, треба да стигнеме што побргу.
Таксистот: Смирете се драга госпоѓице, возбудата ми доаѓа од друга причина.
Актерката: Ви се молам не возбудувјате се! И онака немате дозвола уште и возбуден да возите.
Таксистот: Ама драга госпоѓице возбуден сум поради тоа што возам актерка.
Актерката: Возите актерка? Каде е таа? Зарем не сум сама во колата?
Таксистот: Ама нели самата рековте дека сте актерка.
Актерката: Простете се збунив. А, како не ќе се збунам кога се поблиску сме до почетокот на претставата, а сè подалеку од Националниот дворец на културата.
Таксистот: Кога веќе разбрав дека сте актерка морам да Ве прашам, дали знаете кој е мојот најомилен филм?
Актерката: Јас сум актерка во театар, малку го познавам филмот.
Таксистот: Не мора да го познавате филмот, погледнете во мојата фаца и таа самата ќе ви каже. Ајде погледнете (Се свртува кон актерката.) Ајде, зарем не се познава?
Актерката: Што да се познава на Вашата фаца?
Таксистот: Па тоа – кој е мојот најомилен филм.
Актерката (Подбивно): „Крадец на велосипеди“.
Таксистот: Ви се молам, зарем Ви личам на крадец на велосипеди?
Актерката: Па, нели баравте да погодам кој Ви е најомилен филм.
Таксистот: Ајде уште еднаш, ајде обидете се.
Актерката (Подбивно): „Леси се враќа дома“.
Таксистот: Ајде Ви се молам, зарем Ви личам на куче скитник?
Актерката: Би Ви предложила да побрзаме, зашто ако задоцнам сакале Вие или не, ќе мора да бидете лик од филм во кој таксистот паѓа мртов од раката на театарска актерка.
Таксистот: Во филмот, драга моја, се зборува за еден кој го напушти семејството, жената и двете деца. Вториот акорд на тагата зборува дека ги напушти поради пороците што ги има. Не сака тие невини да страдаат. Приказната кулминира во мигот кога фамилијата му помага да се ослободи од пороците и да им се врати. Морам да Ви признаам дека секогаш кога го гледам плачам. Со количината солзи што ми истекува од очите може да се испере чаршав за брачен кревет.
Актерката: Кога веќе запнавте да раскажувате, ќе кажете ли каков му е насловот на филмот.
Таксистот: Каков наслов?
Актерката: Ама, како е насловен филмот, човеку?
Таксистот: Не успеав да го запомнам.
Актерката: Чудно, како можете да кажете дека филмот Ви е омилен, а не знаете како е насловен.
Таксистот (Свртен кон актерката сместена на задното седиште во таксито.): Не знам, зашто мене не ме интересира насловот на филмот, туку неговата содржина.
10.
ЧЕТВРТИОТ ОБИД НА ДЕБЕЛАТА ЖЕНА ДА ГО СОПРЕ ТАКСИТО
(Дебелата жена излегува пред такси возилото. Ги држи рацете напред пред неа. Сака по секоја цена да го сопре таксито.)
Актерката: Внимавајте жена.
Таксистот (Ги трга рацете од воланот. Се префрла на задното седиште, до актерката. Си ги покрива очите.)
Актерката: Леле како да ѝ го слушам претсмртниот рев! (И таа ги покрива очите со рацете.)
(Додека тие ги покриваат очите со дланките Дебелата жена застаната покрај таксито коментира.)
Дебелата (Коментар.): Погледнете го мочкото седна на задното седиште до актерката. Седат еден до друг со рацете врз очите. Изгледаат како две наивни и премногу уплашени дечиња. Можам да ставам крај на брканицата. Немам објаснување, зошто не го правам тоа… (Вади кроасана од џебот и лакомо ја јаде.
11.
КОГА ТОЛКУ БРГУ СЕ СТЕМНИ
(Во таксито на задното седиште – актерката и таксистот со шаките врз очите.)
Таксистот: Ја прегазивме ли?
Актерката: Не знам. Ништо не гледам. Кога толку бргу се стемни?
Таксистот: И јас не гледам ништо. Никогаш така наеднаш не се стемнило.
(Се слуша сирена на полициско возило.)
Таксистот (Се уште со дланките на очите.): Се надевам дека и ти го слушаш истото што и јас.
Актерката (Се уште со шаките на очите.): Јас немам ништо со тоа, ти си таксистот.
Таксистот: Морам да ве разочарам. Вие самата се сложивте во случај на полициска контрола да го преземето воланот во ваши раце, всушност Вие да бидете таксистот.
Актерката (Ги спушта шаките од очите.): Како не Ви е срам да местите слаба, незаштитена жена. Уф, денешните мажи не се ништо друго освен мочковци!
Таксистот: Имам принципи и од нив не остапувам. Еднаш реченото за мене е пресечено. Договор си е договор.
Актерката (Плачливо.): Ама Ви се молам па јас денес ја играм големата ролја… А како што изгледа ќе ја пропуштам шансата што само еднаш може да ти се случи во театарот…
( Полека, полека се намалува јачината на полициската сирена. )
Таксистот: Заминаа.
Актерката (Плачливо.): Ете дури и тие заминаа, само ние стоиме во место, а времето до почетокот на премиерата е сè пократко. Зборувате дека плачете на тажни филмови, а ваму ме оставате насреде улица, далеку од мојата животна ролја, далеку од мојот успех. Зарем не ви е жал да ме гледате како плачам.
Таксистот (Плаче.): Како не драга госпоѓице, па, јас веќе се растопувам од жал.
Актерката: Ако е така тогаш зошто не нагазнете на педалата за гас и да стигнеме пред Националниот дворец на културата на време.
Таксистот (Плаче.): Кога плачам не возам.
Актерката: Како бе, не возите?
Таксистот: За тоа сте Вие самата виновна.
Актерка: Јас. А зошто плачете Ви се молам?
Таксистот: Па нели Вие го побаравте тоа од мене.
Актерката: Кое?
Таксистот: Па, тоа да сочувствувам со Вас.
Актерката: Ако е така тргнете со полна брзина кон Националниот дворец на културата.
Таксистот: На Ваша заповед драга госпоѓице. Врзете се за седиштето полетуваме. Но, летот нема да биде пријатен ако е без добар стар рокенрол. (Натиска на копчето од касетофонот. Таксито се полни со рокенрол ритам од композиицијата „За покојникот“ од групата Раинбоу.)
Таксистот (Имитира свирење на гитара.): Добриот рокенрол секогаш го користам за далечинско упаравување со возилото. Слушајте, после ова слетуваме.
Актерката (Панично.): Ви се молам сакам да застанете. Овде ќе слезам. Се ми се чини дека ако тргнам пешки ќе стасам токму навреме. Застанете!
Таксистот: Не можам.
Актерката: Ви се молам запрете го такси возилото!
Таксистот: Ама Ви се молам немојте да се возбудувате, не застанувам.
Актерката: Застанете или ќе викам!
Таксистот: Морам да ви кажам дека на ова место застанувам само во петок.
Актерката: А денес е среда.
Таксистот: Ете гледате.
Актерката: А кога застанувате пред Националниот дворец на културата? Немојте да кажете дека и пред него застанувате во петок.
Таксистот (Се свртува кон актерката сместена на задното седиште во такси возилото.): Точно така, погодивте. Немојте да се возбудувате, петок е за два дена, а дотогаш ќе Ви пуштам музика по Ваш избор и ќе ви ги раскажам сите мои омилени филмови… Го знате ли оној кога се среќаваат Мерил Стрип и Клинт Иствуд на мостот на реката Квај.
Актерката ( Панично.): Море каква река Квај, човече штотуку удривте во црна лимузина и тоа на црвено.
Таксистот (Се префрла на задното седиште. Седи до актерката. Ги покрива очите со дланките.): Зарем она туп-туп-туп не беше од песната на Раинбоу. Те молам драга госпоѓице поминете на шоферското седиште…
Актерката (Со дланките на очите.): Не доаѓа во предвид. Она што самите си го надробивте самите ќе си го исркате. Ви реков дека гледањето филмови не излегува секогаш на добро. Ако одевте на театар немаше да Ви се случуваат вакви непредвидливи работи. Театарот им помага на луѓето, поготово на оние кои многу малку гледаат пред себе, напред и на оние кои удираат во автомобили и тоа на црвено.
12.
ПАТ КОН ИДНИНАТА
(Истите и Дебелата жена.)
Дебелата жена (Го грабнува таксистот за реверите, го извлекува надвор од колата, му се вденува во лицето.): Знаеш ли во што удри коњу килав?
Таксистот: Со жените никогаш не си на чисто, додека за едната си куче скитник, задругата си килав коњ…
Таксистот: Ако знаев немаше да удрам.
Дебелата жена: Штотуку го уби мојот болен маж.
Таксистот: Не возбудувајте се госпоѓо, мислам дека штетата е мала.
Дебелата жена: Како бе штетата е мала?
Таксистот: Па ќе беше полошо ако беше здрав.
Дебелата жена: Болен и мртов, тоа е премногу за мене.
Таксистот: Се надевам не и за него.
Дебелата жена: Сакам да го вратиш во претходна положба.
Таксистот: Да биде само болен?
Дебелата жена: Да биде само добар.
Таксистот: Добро, ако ми дозволиш да го однесам во болница.
Дебелата жена: Сакаш да го лекуваш?
Таксистот: Не само да го вратам да биде болен.
Дебелата жена: Зарем мислиш дека таму можат од прегазениот да направат само болен, не и мртов?
Таксистот: Имајте доверба во нашите болници, госпоѓо.
Дебелата жена: Ако излезе поинаку ќе те убијам!
Таксистот: Знам.
Дебелата жена: Вози!
Таксистот: Ќе го внесете во колата?
Дебелата жена: Не, јас ќе влезам во колата, а тој ќе дојде со колата во која штотуку удривте и тоа на црвено.
Актерката: Во таков случај јас излегувам.
Таксистот: Вие не одите никаде!
Актерката: Како тоа никаде, нели требаше да ме однесете до влезот на Националниот дворец на културата?
Таксистот: Токму поради тоа. Ќе Ве одведам прво до болницата, а потоа до Вашиот Национален дворец на културата. Јас и онака кога возам до болница не застанувам никаде.
Актерката: Јас прва влегов во таксито и барам да се испочитува мојата предност.
Дебелата жена: Сега ми доаѓа и Вас да Ве клопнам по лејката. Какво е тоа не почитување на возниот ред на такси шоферите.
Актерката: Јас токму тоа го правам – го почитувам неговиот возен ред направен уште во улицата „ Крадци на народот“
Дебелата жена: Па зарем не гледате дека има повреден човек?
Актерката: Тоа не е моја работа.
Дебелата жена: Тогаш е моја. Вози до болницата.
Актерката (На такси шоферот.): Излегувам, ќе продолжам пешки. (Излегува и силно ја затвора вратата на такси возилото.)
Таксистот (Излегува од такси возилото, клекнува пред актерката, ја држи за раката.): Почекајте, не заминувајте. Сакам да Ви го раскажам мојот најомилен филм.
Актерката ( Се уште надвор од такси возилото. Коментира.): Имам меко срце, нешто како ликовите во делата на Фјодор Михајлович Достоевски. Не можам да гледам како плачете. Ви давам уште една шанса. (Влегува во такси возилото.)
Дебелата жена: Вози.
Актерката: Ви се молам побрзајте, веќе и доцнам.
Таксистот (Пред да тргне со возилото.): Драга госпоѓо ќе кажете ли дали повредениот ќе не следи со колата ?
Дебелата жена: Повредениот и колата се во во таксито .
Таксистот: Како бе, во таксито се?
Дебелата жена: Ти си повредениот, таа е повредената, јас сум повредената, таксито е колата што е удрена.
Актерката: Ви се молам бидете попрецизни, ќе кажете ли каде е вашиот маж, оној што пред малку рековте дека ја возел колата и дека се бори за живот.
Дебелата жена: Јас немам маж, уште помалку повреден, маж што ја возел колата и сега се бори за животот.
Таксистот: Значи не сум удрил во кола, нема повред маж. Опаа! За ова морам да пуштам старо добро рокенролско парче.
Актерката (Панично.): Ама оставете го касетофонот!
Дебелата жена: На вас драга моја ќе Ви треба болница и тоа интензивна нега.
Актерката: Ова веќе е неиздржливо излегувам (Излегува од таксито.). Одам пешки сигурно ќе стигнам побргу од таксито до Нациналниот дом на културата.
Дебелата жена (Излегува од таксито и трга по актерката.): Нема да стигнете.
Актерката: Зарем и Вие знаете каде треба да стигнам?
Дебелата жена: Вие веќе доцните, улогата на Ана Карењина ја игра Вашата алтернатива, мојата сестра. Цело време трчав по таксито со намера да го сопрам, да направам сè за да задоцните. Мојата сестра ме заколна ако не ја завршам работата ќе се убие. Сега сум сигурна дека ќе остане да живее. Веруваше ако ѝ дадат можност дека ќе ја изигра ролјата маестрално.
Актерката: Не можам да поверувам. Планот започнал уште кога таа побара да биде алтернатива. Господи! Господии! Не, ова не може така да заврши, ќе влезам на среде претставата.
Таксистот (Клекнува покрај актерката. Ја држи за раката.): Ве молам немојте да заминете додека не Ви го раскажам филмот на кој многу ме потсетува ова што сега се случува.
Актерката: Ама, пуштете ми ја раката!
Дебелата жена (Ја грабнува за другата рака, ја повлекува кон себе.): Нема да заминете!
Таксистот (На дебелата.): Пуштете ја, таа е моја!
Дебелата жена: Ти, пушти ја, цијаку!
Таксистот: Таа е мој клиент.
Дебелата жена (Држејќи ја за раката.): И моја победа.
Таксистот: Пушти ја, дебела свињо!
Дебелата жена: Ти, пушти ја цијаку!
Актерката (Вика на сет глас.): Полицијаа! Полицијаа!
(Се слушаат полициски сирени.)
Таксистот: (Ја држе за раката.): Ви се молам ветете ми дека кога ќе дојдат полицајците вие ќе седнете на шоферското седиште.
Дебелата жена: И без да седне на шоферското седиште таа ќе биде виновна за газењето на мојот кутар маж.
(Се прекинува музичката програма на радио станицата, гласот на спикерот известува:)
Гласот на спикерот: Поради неплатени сметки Дистрибутивниот центар го исклучи Националниот дворец на културата од електричната мрежа. Поради тоа премиерната изведба на претставата Ана Карењина е откажана. Незадоволните актери и публиката од гестот на Дистрибутивниот центар прават нереди, кршат сè на што ќе наидат.
Таксистот: Ако не побрзаме не ќе можеме да стигнеме до болницата
Актерката: Јас повеќе нема каде да одам
Дебелата жена: Еве ја гледам сестра ми во толпата демонстранти.
Актерката: Каде ли одат?
Таксистот: Можеби кон иднината…
КРАЈ
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 24),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 24)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)