Смртта на големиот пријател на Македонија и лауреатот на Струшките вечери на поезијата од 1990 година е загуба не само за Шпанија и Македонија, туку и за целиот свет бидејќи тој беше ненадминат творец на убавиот пишан збор и еден од најпреведуваните шпански автори кој остави длабоки траги во литературата подеднакво и во XX и во XXI век во кои тој живееше и твореше.
Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ испрати сочувство до амбасадата на Кралството Шпанија во Македонија и до семејството Падрон во Шпанија. Големите поети и пријатели на Македонија како Хусто Хорхе Падрон никогаш не умираат. Нека почива во мир!
Хусто Хорхе Падрон (1.10.1943 г. – 11.4.2021 г.)
Роден е во Лас Палмас де Гран Канарија, Канарските острови, Шпанија. Ги завршува своите студии по право, филозофија и книжевност на Универзитетот во Барселона, проширувајќи ги понатаму истите во Париз, Стокхолм и Осло. Генерален секретар е на Шпанскиот ПЕН клуб (1983-1993 г.), основач и главен уредник на меѓународното повеќејазично списание за поезија „Екиваленсијас“ (1982-1994 г.), директор на Меѓународниот фестивал за поезија во Лас Палмас де Гран Канарија (1992- 2002 г.), претседател и организатор на Шестиот светски конгрес на поетите (Мадрид, 1982), а во име на Висенте Алејксандре ја прими неговата Нобелова награда за литература (1977). Тој е несомнено шпански поет со најголемо меѓународно признание во последните децении. Неговата поезија е преведена на 50 јазици, а објавени му се стотина книги на странски јазици. Добитник е на многубројни меѓународни награди и признанија меѓу кои најважни се: Меѓународната награда на Шведската академија (1972), Наградата Меѓународен Бард на Меѓународното здружение на современи поети (Мелбурн, 1981), Меѓународната награда на Мадрас (Индија, 1982), Златниот медал на кинеската култура (1983), Европската награда за книжевност (Југославија, 1986), Големата меѓународна награда за литература на Софија (Бугарија, 1988), наградата „Нова Македонија” за најдобра песна на Струшките вечери на поезијата (Македонија, 1989 и 2002), Златен венец на Струшките вечери на поезијата (Македонија, 1990), Меѓународната награда „Блез Сендрар“ (Швајцарија, 1994), Меѓународната награда „Никита Станеску“ (Романија, 1996), Меѓународната награда на градот Трст (Италија, 1999), Меѓународната награда „Леополд Седар Сенгор“ (Дакар, 2003), Наградата на 9-от Меѓународен саем на книгата во Лима (Перу, 2004), „Златно класје“ на Меѓународниот поетски фестивал „Сесар Ваљехо“ во Трухиљо (Перу, 2008), Меѓународната награда „Егземплум“ на Универзитетот СЕК (Сантјаго де Чиле, 2010), Златен медал „Блаже Конески“ (Македонска академија за наука и уметност- МАНУ, Македонија, 2012), Големата награда на Меѓународниот поетски фестивал во Истанбул (Турција, 2013), наградата „ЕБРУ“ за Литература на Каса Турка (Мадрид, 2013), Големата награда „Михај Еминеску” (Крајова, Романија, 2013), Меѓународната награда „Европска пролет на поетите“, Кишинау (Молдавија, 2016), „Златен шкорпион“, (Улан Батор, Монголија, 2017), „Алаш“ (Друштвото на писателите на Казакстан, 2019), Европска награда за поезија „Ацо Караманов“ (Радовиш, 2019). Во Шпанија ги добил наградите „Боскан“ (1972), „Фастенрат“ на Шпанската кралска академија (1977), Националната награда на Друштвото на писателите и уметниците на Шпанија (1985), наградата за Литература за автор на столетието 1893-1993 на весникот „Ел Диарио де Лас Палмас“ (1993), Големата награда за литература на Канарите (1997), Наградата „Аула“ за поезија, на Универзитетот од Барселона (1998), Меѓународната награда за љубовна поезија, Мајорка (2002) и други. Именуван е за Почесен Доктор на Светската академија за култура и уметност (1983), на Универзитетот „Рикардо Палма“ од Лима (2001), на Националниот универзитет (2003) и на Универзитетот „Сезар Ваљехо“, Перу (2008), на Универзитетот од Валпараисо, Чиле, (2005), на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, Македонија (2005), на Универзитетот „Константин Штере“, Кишинау, Молдавија (2014), на Евроазискиот универзитет „Л. Н. Гумиљов“, Астана, Казакстан (2017) и на Државниот универзитет на Монголија, Улан Батор (2017). Дописен член е на Академијата „Маларме“ од Париз (1983), на Северноамериканската академија за шпански јазик од Њујорк (1986), на МАНУ (2003) и на Перуанската академија за шпански јазик, Лима (2005). Прогласен е за Заслужен професор на Универзитетот од Валпараисо, Чиле (2004) и на Московскиот Хуманитарен Универзитет (2015), Омилен син на Лас Палмас де Гран Канарија, неговиот роден град (1995), Почесен граѓанин на градовите Лувен (Белгија), Жоал (Сенегал) и Струга (Македонија). Издавачката куќа „Лумен“ од Барселона во 2000 год. го објави неговото целокупно поетско творештво во еден том, под наслов „Сеќавањето за огнот“, во кој се застапени 20 стихозбирки, од кои 16 беа објавени, а четири необјавени книги. Во најпрестижната издавачка куќа од Мадрид, Бисор Либрос во 2019 година, се објави третиот дел од фасцинантното патешествие на Магелан и Елкано – Епопеја за Канарските острови. Хусто Хорхе Падрон номиниран беше за Нобелова награда за литература за 2020 година. Хусто Хорхе Падрон беше почесен конзул на Република Македонија во Кралството Шпанија (Мадрид).
ЛЕБЕДОТ И ЛЕОПАРДОТ
Скокнува одненадеж леопардот од еден зрак.
Телото негово гази спроти сонцето
на трските, провала на желби
во еден удар од канџи и од шибје.
Лебедот плови бесонен по езерото.
Над неговото лизгање леко се штрека
една молња, молчаливиот ангел на мракот,
самотијата на една музика што бега.
Се претчувствуваат пленети како две лавини снежни
под срцето згрчено на пустината.
Злато на смртта, крв на светлината,
жестоко бранување спроти двојниот хоризонт.
На браздата светла на лебедот
водата не е што џунглата ја бие.
Тоа се две различни времиња, две места
оддалечени што ги спои случајот на еден миг
со блесокот на сонот во зборовите.
(Падрон, Х. (2020) Лебедот и леопардот. Во Списание за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво Современи дијалози. Уред. Весна Мундишевска-Велјановска, Даниела Андоновска-Трајковска, Петре Димовски, Златко Жоглев. Битола: Македонско научно друштво – Битола, бр. 8, стр.157-160)