Фернандо Рендон (Fernando Rendon) (1951, Меделин, Колумбија) има објавено 9 книги поезија. Неговите книги се објавени во САД, Кина, Виетнам, Франција, Италија, Романија, Албанија, Куба. Коста Рика и Венецуела. Координатор е на Светското поетско движење (World Poetry Movement), директор на меѓународниот фестивал во Медели од 1991, на списанието „Прометеј“ од 1982. Добитник е на значајни книжевни награди од повеќе земји.
КОНТРАИСТОРИЈА
Ако Одисеј му го свртеше глувото уво на морнарите
ќе го одбиеше и восокот и јарболот
ќе јурнеше по песните на лудилото
на тие жени кои како риби завршиле
така ќе го поминеше прагот на кралството на овој свет
ќе пламнеа песни за нова љубов во сите клучни точки
ние смртниците ќе зачнувавме деца со сон
училишта на невидливи воини ќе се појавеа
најбесчувствителниот тиранин ќе го изгубеше умот
слушајќи ја грмотевицата на новоизмислените тапани
сонцето и ветерот ќе им ги вратеа сетилата
на тие кои по своја волја се слепи и глуви
некој ќе ја излечеше од корен старата чума на шумата
во сите лонгитуди патиштата на инстинктот ќе беа пронајдени
Ох, Троја, избркана од себеси,
твоите мудреци се јавно посрамотени
а здивената мачета лови риби демнејќи ги твоите железни плажи!
Превод од англиски на македонски: Даниела Андоновска-Трајковска
Translation from English into Macedonian: Daniela Andonovska-Trajkovska