Том Филипс е роден во Бакингемшир во 1964 година. Тој е слободен поет, писател и предавач кој живее во Бристол, Велика Британија. Неговата поезија е објавувана во списанија, антологии и панорами. Коосновач е и на проектот за Англо-Бугарската онлајн визуелна арт/поезија „Обоена Ѕвезда” и на неформалната мрежа на писатели и уметници во Југоисточна Европа и Велика Британија. Автор е на 4 поетски книги и 6 драми.
НЕ СЕ ЧЕКА ДОЛГО
Утрово тунелот
под Централната Станица
е празен во 8 и 30 часот.
Потоа за брзо време се исполнува
со луѓе од Перник
кои одат на работа.
За еден час нема ниту
пристигнувања, ниту заминувања.
На платформата 11,
седам гледајќи ги сенките
што се движат над асфалтираните патеки
и под соголените оџаци
на локомотивата.
Дизел машината пишти
придружена со вагоните на графитите.
Оваа етикета на летото,
Bie was here, е тука
како што се стриповите
на подземната железница во Њу Јорк.
Можеби времето е сѐ што имаме
но јас го немам на себе.
Минутите сами се истакнуваат
на огласната табла.
Една песна како да почнува сама да се пишува
меѓу металните седишта,
преголемите шини
сѐ додека не се истркала во 9 и 35
од Истанбул
точно во 9 и 35.
Превод од англиски на македонски: Даниела Андоновска-Трајковска
Translation from English into Macedonian: Daniela Andonovska-Trajkovska