Славица Гаџова Свидерска
Тела во просторот
Ги памети ли светот
отпечатоците од нашите стапала
ги чува ли во некое ковчеже
мртвите клетки од нашите петици
што ги оставаме во песокта на брегот
Ја памети ли сета наша пот
излеана врз автобуските седишта
Ни ги чува ли влакната од косата
што одлетале
кога сме се чешлале на прозорец
со поглед на некој непознат плоштад
Се трошат ли нашите тела
додека патуваме во светот
или стануваат потешки
Градовите ли ги исцртуваат
новите брчки околу очите
истите градови што се претвораат
во магнетни плочки
на фрижидерот