Мирјана Стојановска
БЕГАЛЦИ ОД СВОЈОТ ДОМ
(Извадок од поемата)
Кој е твојот дом?
Празна соба,
празни фиоки,
празнина во срцето,
како дупка во големата вселена
што проголтува сė,
па и мојот дом.
Мојот дом
е и твој дом.
Мојот сон
се слева во твојата визија
за благосостојба и среќа
за љубов која дава и зема
и создава мигови на сочна енергија
со вибрации кои имаат
лечителна моќ.
Така,
Ние веќе сме го изградиле
својот дом.
Втората приказна
доаѓа од Малме.
Пластични портокали,
пластични амбалажирани плодови,
производи со форма
но без вкус
и многу, многу
бегалци од Сирија.
Студентот нема име
тој е број,
на станот од поткровјето
од каде сите се слеваат
на големата улица
која ги проголтува
луѓето во своите катакомби
и нема никој слободен
во својот óд.
Не, тоа не е мојот дом.
И третата приказна
е задоцнета фраза
за животот во Осло
и за животот во Љубљана
на емигрант во Сло.
Граѓанин од втор ред
во ред за млеко и мед
меѓу луѓе обременети
со предмети
и планини што трчаат
како униформирани војници
и се претставуваат
како пасионирани вљубеници
во сė,
но во човечкиот род-не.
Не,
суровата планина не може да биде
мој дом.
.
Па зошто луѓето бегаат?
Зашто
НЕМА
НЕМА,
НЕМА
Немаат егзистенција
во својот дом!!!
Се нурнувам во моето море.
Бегам од сите бегалци
од својот дом
зашто ми тежат нивните стории
нивните тажелинки
како било и како е сега
да се биде бегалец
во 21 век.
Во моето море
како во свој свет
за миг ја палам светилката
за да ги осветлам сите
добри дела
како лек за мојата мисла:
Да не го напуштам својот дом!
Лудило
или бес.
Безизлез,
слепило,
ни било,
ни ќе биде
ПРАВО
и правдина
на овој век.
Лудило
или бес.
Безизлез
слепило
бледило,
недело,
дел
по дел
се преполовува
на две,
па на две,
на две.
И ништо не остана
на овој свет.