ДАНИЕЛА АНДОНОВСКА – ТРАЈКОВСКА
ГОЛА ПЕСНА
една моја пријателка ми рече дека
секогаш до гола кожа
се соблекува во својата поезија
дека никогаш не размислува
за облечените погледи на воајерите – читатели
кои ѕиркаат од прозорецот ноќе
ниту за случајните минувачи кои скришум погледнуваат
ниту за жените кои ги покриваат очите
на своите мажи кои покрај нив послушно чекорат
ниту пак за уштирканите господа со дупли очила
и заплеткани јазици
кои по песната удираат
со чеканот на стерилното време
една моја пријателка ми рече дека
секогаш до гола кожа
се соблекува во својата поезија
и дека воопшто не ѝ е грижа
што мислат другите за неа
а јас молчам,
го погледнувам телото на мојата песна
и ѝ велам: соблечи си ја и кожата
и легни во мене ноќва
пред да те распнат на плоштадот
на кој секој во секого гледа
а сепак не гледа ништо