ИНДИЈА (INDIA)
РУДРА КИНШУК (RUDRA KINSHUK)
Рудра Киншук (1971) е билингвален писател (пишува на бенгалски и на англиски јазик). Има објавено 8 книги поезија и две книги со санталски племенски народни песни пресоздадени на англиски. Превел бугарски, грчки и македонски автори на бенгалски јазик, а има добиено повеќе значајни национални книжевни признанија. Се занимава и со фотографија, цртеж, сликарство и дизајн.
МОИТЕ ЏЕБОВИ И ТОА ШТО ИМА ВНАТРЕ
… невообичаени нешта ќе излезат од моите џебови. (Г. К. Честертон)
I
Секогаш чувам валкана фотографија
од Чарли Чаплин во мојот џеб
кога излегувам.
Чекорам во толпата
и гледам закопани човечки глави.
Чарли бара од мене насмевка.
Стојам на мостот над железничката станица
и гледам во флекосаните страници на книгите.
Врзаните коњи
кои ја пасат есенската трева
знаат дека сум магионичар
кој знае дека јагленчињата кога горат
личат на цвеќиња.
Чарли ги отвора моите птица-прозорци,
риба-прозорци и ме тера да цутам
како река.
II
Секогаш носам
морско-син чешел во мојот џеб.
Но никогаш не сум го употребил, освен кога сум дома.
Но кога го носам,
го слушам како ми зборува од море-подот,
безброј животни се движат, играат и пеат.
Ми кажува дека
светот е поголем од тоа што го гледаме.
III
Пердув од птица, снежно бел
мора да чувам во мојот џеб
од мојата кошула заедно
со неколку семчиња цимет.
Заради тоа се чувствувам полесен,
за да ме потсетува на моето патување до шумата Галуди
и до Тирпарапу водопадите.
Тие кои носат пердув од птица со себе
многу добро знаат дека
птиците често положуваат јајца во нашиот р’бетен мозок.
IV
Обожавам да носам огнена приказна во мојот џеб.
Ја собирам од Диншахитала,
местото на светецот.
Кога сум околу логорски оган
ја вадам
и ја ослободувам меѓу луѓето околу мене.
И другите го прават истото.
Дознав дека секој
има свој оган
и своја сказна.
Превод од англиски на македонски:
Даниела Андоновска-Трајковска
Translated from English into Macedonian:
Daniela Andonovska-Trajkovska