РЕАЛИЗИРАН ПРОЕКТОТ „8 ПОЕТЕСИ ЗА 8 МАРТ“
Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ (БКК) и НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола на несекојдневен начин го одбележаа Меѓународниот ден на жената.
Со проектот „8 поетеси за 8 Март“, на веб порталот на БКК и на Фејсбук страницата на библиотеката осум дена се споделуваше поезија од осумте реномирани македонски поетеси Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ, Весна Мундишевска-Велјановска, Мирјана Стојановска, Гордана Стојаноска, Славица Гаџова-Свидерска, Милица Димитријовска-Радевска и Биљана Т. Димко.
На 8 март 2022 година, во фоајето на библиотеката се реализираше средба со дел од писателките вклучени во проектот. Средбата ја отвори м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски, а директорот на библиотеката м-р Бојан Стефановски им посака среќен празник на поетесите и ја истакна важноста од нивната творечката работа за збогатување на библиотечниот фонд и промоција на уметничката мисла. Претседателката на Битолскиот книжевен круг Елизабета Јончиќ се заблагодари за соработката и ја истакна вредноста од реализација на вакви заеднички проекти во кои со вклучување на повеќе субјекти се постигнува поголема блискост на пишаниот збор до читателите.
Поезијата беше споделена на уникатно дизајнирани картички со уметнички слики од ликовната уметница Љубица Мешкова Солак, а графичкиот дизајн го изработи писателката Весна Мундишевска-Велјановска.
Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола беше поставена изложба на книги од осумте поетеси и нивните картички со поезија, а поетесите донираа свои книги за читателките на библиотеката кои испратија најубави пораки за 8 Март.
Исто така беше поставена и изложба на широка палета производи од книжна галантерија со пораки за жената, изработени од учениците од графичката струка при СОУ „Таки Даскало“ – Битола и нивните професорки Весна Мундишевска-Велјановска, Катерина Спасовска-Маурдева и Снежана Паскова. Разновидните изработки со пораки за жената (тефтерчиња, пликови, папки, обележувачи за книги и картички, паспартуа, честитки), надополнети со привезоци-нотеси, организери за картички, оригами, персонализирани чоколади и др. создадоа многубојна палета со која израдуваа бројни читателки на библиотеката.