Во рамките на десеттата меѓународна книжевна манифестација „Битолски книжевни паметења“ со почитување на сите протоколи за заштита од Ковид-19“, на 1.11.2020 година во 11 ч. во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, се одржа промоцијата на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“ (двоброј 21-22) во издаваштво на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, а со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Редакцијата на списанието кое излегува од 2001 година е во состав: проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска (главен и одговорен уредник), Милица Димитријовска Радевска и д-р Славица Гаџова Свидерска.
Прилозите се сместени во неколку рубрики и тоа: Поезија, Проза, Согледби и Книжевен мозаик во кој се сместени странски автори преведени од Даниела Андоновска-Трајковска, Весна Мундишевска-Велјановска, Милица Димитријевска-Радевска, Михајло Свидерски, Елизабета Шелева, Татјана Бетоска, Сашо Огненовски, Билјана Билјановска, Адем Абдулаху и други, а во прилог се дадени и кратки биографии на застапените аврори подредени по азбучен редослед. Списанието има нов изглед благодарение на Симонида Филипова Китановска – автор на сликата на корицата.
„Иако живееме во време на затвореност на физичкиот ентитет и физичка дистанца поради пандемијата, сепак остануваме духовно и културно отворени и тоа повеќе од кога и да е, „Раст“ оваа година нѐ поврзува со 23 земји од светот, а истовремено ни овозможува промоција на нашата книжевност во светски рамки.
На 245 страници, застапени се 71 македонски и странски автори (Кина, Велика Британија, Виетнам, Колумбија, Израел, Италија, Саудиска Арабија, Венецуела, Турција, Белгија, Албанија, Романија, Германија, Шведска, Полска, Словачка, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Грција, Индија, Бангладеш, Узбекистан).“ – истакна проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, главен уредник и промотор на списанието.