Почина писателот Радован П. Цветковски (3.9.1931-23.1.2022) – поет, раскажувач, литературен критичар, писател за деца и млади, фолклорист. Творејќи шест децении остави содржајни творечки белези кои се од особена важност за македонската книжевност. Член на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“, на Друштвото на писатели на Македонија, на Македонското научно друштво – Битола и на Друштвото на фолклористите на Македонија.
Долго време бил во редакцијата на списанието „Развиток“ од Битола. Исто така, бил член на Советот на Собранието на Друштвото на писатели на Македонија и еден од покренувачите на манифестацијата на БКК „Тумбе Кафе – кафе песна“ од 2011 година. Соработувал со повеќе македонски и странски списанија и весници: „Современост“, „Нова Македонија“, „Литературен збор“, „Раст“, „Стожер“, „Современи дијалози“ итн.
НАШИТЕ ДВЕ РАЃАЊА СО ТЕБЕ
Две раѓања наши
во извор се обидовме да потечат,
да личат на утрини во роса од сребро,
да личат на молитви и причесни
пред татков олтар на љубов
во трпки нежни под зенит на припек
зажарен што гори.
Моето е суша
во избор гргор од камења кога ѕвони,
кога корен врзува со друг извор
меѓу два пресушени септември.
Твоето е
топлина меѓу земја и небо
прелет – камен врз камен
во темел кога се става.
Јас припек – години од камења и трње,
ти оган запален од Климент
исправен пред црвен меч
и уште триж други
зборот стар и по нас да се чува.
До тебе меѓу копја и виулици
оттаму прелетавме,
пат минавме преку море камено,
камења резбаревме за нови храмови,
живи извори откопувавме
да бидат пат
до друго море зад брегови што мами.