ЛОВЦИ
Хаос во викендицата. Оревите што пред две недели ги собрав се разнесени низ просторот. Беа подврзани во вреќа, закачена на клинецот на ѕидот. Долу по подот растурени и издупчени ореови лушпи, извлечени јатките. Вешт напад. Кој го сторил тоа?! Голема е штетата. За да не се повтори, намислив да донесам мачки. Знаеш, мачките се борци. Можат да ги пофаќаат глувчињата, ако се глувчиња и да ме ослободат од напаста, му кажувам на соседот викендаш за одлуката.
Оние мали домашни глувчиња не можат да продупчат толку отвори во толку тврда обвивка. Ќе ти ги разотворат сувите пиперки од низите, ќе го расеат семето по подот, ќе ти ги нагризат и јаболката во сандаците, ама поголема штета нема да ти нанесат. Не на вреќа ореви, сомничи соседот. Не ми изгледа тоа да го сториле глувчиња. Дело е на силни глодари. Веројатно стаорци ти влегле во визбата. Пред некоја година нападнаа кај мене. Донесов мачка, ама се покажа дека наместо мачката нив, тие ќе ја задават мачката. Бегаше од нивната појава како од лавеж на пци што бега. Решение е отров. Само отров за глодари.
Нема отвори низ кои можат да навлезат големи глодари. И до сега не навлегувале. Насекаде е затворено. Може малите глувчиња да најдат некои мали отвори, ама стаорците не можат да најдат толку големи дупки низ кои би се вовреле, му кажувам.
Не може да најдат, ама може да си направат. Соседот беше убедлив во кажувањето.
Тргнав во детален преглед за претрага по отвори низ кои големите глодари би можеле да влезат во викендицата. Кај вратите не најдов, тие херметички затвораат. Да се внимава на прозорците, во разговорот ме имаше потсетено соседот. Еднаш кај мене стаорец влезе низ отворениот прозорец. Провери и некои одводни цевки, ми рече. Му кажав дека во викендичката нема одводни цевки (нема ниту доводни), ама можно е прозорец да сум оставил отворен. Само што отворениот прозорец беше од просторијата над визбата. Подот беше од трисантиметарска штица, вклопена, ниту мравка да не минува. Нема отвори на подот. А сепак пребарував. Се случува од потрес на штицата глужд да отпадне. И пак, тој сомнеж не ја открива тајната по која трагам. Низ таков отвор би минало глувче, ама никако стаорец. За него треба голем отвор. Како…
…како, оној во аголот. Ја прегризале штицата, ја продупчиле. Уште една штета што ми ги раздразни нервите. Убавата штица од подот ја упропастиле. Да, морам да го прифатам советот на соседот. Само отров за глодари може да ме спаси.
Но брзо се повлеков од таа намера. Не остануваше во заборав онаа случка кога во тој миг се погоди да сум во дружење во домот на пријателот Славко, а на вратата влезе неговиот татко, со видлив страв во очите, стегајќи го за рачето четиригодишното внуче како во закана дека ќе го изгуби од рацете.
Земи си го детето, му се обрати на Славко. Ќе направевме катастрофа. Во деновите пред да го донесеш детето кај нас под креветот бабата ставила отров за глувци. Се намножија, па да ги поништи. Ние знаеме да се пазиме од отровот, ама заборавила да го тргне при пристигнувањето на детето. Бодеж ме прободе во срцето кога денеска ме праша: Дедо, зошто сончогледот е истурен на подот? Кој сончоглед, на кој под?! Кога се наведнав под креветот, го видов отровот. Да не земаше од него, го прашав преплашено. Зедов една рака за да грицкам. Не требаше да земам, дедо?
Ми се заврте просторијата, се потпрев на креветот да не паднам на подот. Го гледам детето со страв во очите, стравот мој го пренесувам на него. Викам по бабата, таа се запрепастува кога ја откри причината. Пуста јас, како сум можела да го заборавам тоа! Брзо му носи да се напие сок, да ја облажи душата ако му е затруена, не знаеме што се случило, колку зрна изгризал. Го прашувам дали чувствува некоја болка во стомачето. Баба му се присетува, му ги стружи рачињата, го повлекува кон чешмата и му ги измива со триење, сè што штети да отпадне од нив. Нашата растревоженост му го зема зборот, не сака на ништо да ни одговори. Споулавевме од грижа. Оди, однеси им го детето, таму поблиску се до докторот да го прегледа и да му даде лек! Побрзај! Ќе го фатиш автобусот! Стигнав право ваму.
Томче кога ја виде мајка му, се затрча кон неа и ја преграби. Тања ги слушна страшните зборови и го зеде детето во друга одаја. Сите бевме растревожени во исчекување. Славко веќе го стартуваше автомобилот да го однесе детето во амбуланта.
Во исчекувањето Тања излезе од одајата. Настојувала стрпливо да разговара со Томче. Ќе ми кажеш дали јадеше од сончогледот од подот! Не, мамо, ти дали ми кажа никогаш да не земам храна падната на подот, зашто храната од подот собира бактерии и може да се разболам. А зошто на дедо ти му си рекол дека си јадел од сончогледот? Го лажев. Сакав да го исплашам дека од бактериите ќе се разболам. Да ти верувам? Да, мамо, тебе никогаш не те лажам. И на дедо ти му кажуваш дека не го лажеш! Сега го излагав за да го исплашам дека ќе се разболам. Дедо не ми купи чоколадо, а ако знае дека ќе се разболам, ќе ми купи. Томче, сомнителен ми си! Да не јадеше за да се разболеш па да ти купи чоколадо дедо ти? Не, мамо! Ако се разболам, не можам да јадам ништо. Само дедо да мисли дека ќе се разболам и да ми купи чоколадо кога можам да јадам. Ама, не те сакам, ти не ми веруваш! И ништо повеќе не ти кажувам! Те боли стомачето? Ме боли. Значи си јадело, скокнала во паника Тања. Те излажав, ама тебе мамо никогаш не те лажам. Сега згрешив, нема другпат да те излажам. Мора тато да те однесе во амбиулантата за да те прегледа докторот и да ти даде лекови. Мамо, јас само дедо го излажав, тебе не те лажам. Не сакам вистински да се разболам. Само на лажга. Томче, сакаш чоколадо? Сакам. Кажи дека јадеше од сончогледот! Можам да те излажам? Не може. Не сакам чоколадо! Е сега ме излага! Томче почнал да се витка од смеа. Не можел да ја запре смеата. Потоа, и Тања се засмеала. Ах, ти, мангупче! Многу мудруваш.
Случката делуваше. Како решение, отровот за глодари беше наполно отфрлен. Ќе земам мачки. Ама, свои мачки немав. Намислував каде да најдам најсигурно решение. Првата намисла не беше соборена. И најдобро ги познавам мачките на побратимот Стојан. Кога имам отпадоци од риби тие ги добиваат.
Ги донесов во викендицата, а тогаш се јави и проблемот. Како ќе откриеме каде се сокриени стаорците, ако сè уште се внатре во викендичката? Следното мое доаѓање ќе биде по завршувањето на работната недела а толку долго мачките не смеам да ги оставам без храна. Ако уловат нешто, ќе го намалат гладот, ама дали ќе уловат? Можеби стаорците само влегле во викендичката, биле во неа додека имало храна и заминале.
Проблемот мора да се реши во овој миг. Мачката, двата мачори, нејзини синови и јас тргнавме во пребарување. Да бараме засолниште каде што се прикриваат стаорците. Јас преместував од предметите, разгледував по аглите, мачките рашетуваа и го мирисаа воздухот по скришните катчиња. Одеднаш црнобелиот мачор загреби со нозете и заржи како во предизвик за борба. Стрчав кон него. На аголот од една табла од иверица пронашол дупка и со ногата продираше во неа, накострешено борбен и енергично посветен. Следниот миг со канџите од ногата извлече надвор стаорец и секавично го зграби. Го задржа цврсто, се претркала двапати во битката со него, стаорецот исто така беше снажен и голем и потоа, држејќи го застоја на едно место, сигурен дека ќе биде победник во двобојот.
Претпоставував дека ги има уште под таблата.
Ги повикував кај себе мачката и другиот нејзин син, ама мачката не ми обрна внимание на повикот и продолжи да истражува низ визбата, додека мачорот ми се извитка низ нозете, галејќи се. Јас од подалеку, со долгиот прат се обидував да ја поткренам таблата и само што малку ја занишав, се извлече друг стаорец и секавично избега по ѕидот кон таванот, во сигурна можност да се сокрие меѓу гредите. Ах, овој избега, ми беше мислата кога стаорецот со предните нозе беше на гредата над која можеше да се сокрие. Мачорот тогаш го забележа, отскокна толку брзо и толку вешто, насочувајќи се кон стаорецот, што ми ја запре мислата. Следниот миг од гредата скокна долу, држејќи го цврсто стаорецот. Неговата борба продолжи на подот.
Следниот двобој беше меѓу мачката и третиот стаорец. Истата секавична сцена и одлучна битка.
Во нивниот улов следеа уште два.
Во сето следно пребарување низ визбата во тој ден никој од нас четворката не пронајде нов напасник.
Мачките ми го решија големиот проблем во кој го вклучија целосно нивниот борбен природен инстинкт.
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 23),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 23)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)