Славица Гаџова Свидерска
ДОИЛКА
Светот започнува и завршува
на твоите гради.
Историјата со векови разлева крв
ти со милениуми ја надокнадуваш
со млеко.
Со млекото исцртуваш
дождоносни облаци
цветови од невен и од камилица
мали планински куќички
и по некоја ѕвезда.
Кога ги покриваш градите
универзумот излегува од рамнотежа,
се менува составот на јоносферата
морето ги помешува плимата и осеката
ги испишува на плажата првите линии
на недостигот
и неутешливиот крик кон Целото.
Човештвото започнува
и завршува на твоите гради
Уметничката слика на картичката е од ликовниот уметник Љубица Мешкова Солак.
Графичкиот дизајн на картичките „Осум поетеси за 8 Март“ го изработи писателката Весна Мундишевска-Велјановска.