ЦРНО МАЈЧИНСТВО
Запали го моето детство мајко
и успиј ме врз неговата пепел
запали ги камењата во ѕидот и оние во моите дланки
мозаик на сите милувања и удари
запали го болничкиот кревет и правта во ѕидниот часовник
запали ги сите осамени ходници во преполните касарни
и сите сенки на знамињата што се менуваат…
Запали ги своите неродени деца и антените што покажуваат кон авиони што паѓаат
запали ги сите тераси кои не возвишуваа и кога бевме на колена
запали го моето дете што наследи име туку далечина за која што не знае дека е љубов
запали ги сите албуми во кои те нема
зашто само така можеш,
мајко,
да бидеш присутна во утробата на своето дете.
Потопи ги сите вештачки езера мајко
И рибите во супермаркетите и клучевите од куќите заштитени со закон.
Потопи ги дрвјата што ќе станат хартија, и сенки на нечиј гроб
потопи ги сите сонца и потопени бродови
и сенките на ноќните птици
и тунелите полни минерали заскитани мисли и фарови
потопи ја собата во која водев љубов додека една билка растеше во саксијата
мајко,
Потопија мојата жед за дом што ќе ме напушта зашто,
како инаку би се вратил мајко ако не истуриш вода зад мене…
Ако не ги потопиш сите мои стапки.
Запали го морето на детството мајко,
и успијме на неговото дно.