ЛЕПРОЗЕН
Тука нема да биде од интерес каква беше таа држава. Со тоа нека се занимаваат современите политиколози, социолози и други. Тука ќе биде од интерес што му се случува на интелектуалецот Шешов. Неопходна напомена: Ниту името на таа земја е лесно за изговарање, ниту имињата на луѓето во неа. Тука по потреба, некои од нив се дадени, по извесна тамошна асоцијативност само во приближен превод. Државата иако биде спомната, без оглед што просторно се наоѓала на точка многу далечна од нас, тоа ќе биде само колку што е нужно за да се сфати малку подобро проблемот на Шешов.
Најпрвин за тамошната посебна категорија создадени трудбеници на новата теоретска идеја. Зашто во неа спаѓаше и Шешов. Тоа беше вид интелектуална идеја, која повеќе би можела да се нарече и религија отколку политичка идеја. Припадниците на тоа ново учење, заговараа хумано општество на кое ќе му биде туѓо и омразно секакво влечење назад или разградување, и во кое, по пат на силни интелектуални задлабочувања, најбрзо ќе се дојде до совршенство и среќа на луѓето. Потекната најпрвин од идеолози кои небаре како факли му го осветлувале патот на народот во тешките времиња, зашто на душата им лежела неговата слобода и издигнување, оваа научно-теоретска, хумана активност доби форми на легално организирана творечка дејност, во која целта беше што подостојна визија за напред, ослободена од големиот број наследени ограничувања на сфаќањата. Во прашање всушност беше елитна организација, која црпеше развојни сокови од научничкиот неисцрплив интелект… Најпросто кажано тоа беше еден сојуз на академци. А ги имаше премногу. Јасно, се примаа само доктори на науки. А ги имаше премногу. Другите земји не можеа да покажат толкав број на академци. Почестени беа со изработка на студии, елаборати и проекти за индустријата, и за правото, и за филозофијата, и за што не друго… Многу визии. Вистина е, на државата се уште не ѝ одеше баш развојот. Ама кон иднината се гледаше. Покрај тоа во поединечните дострели членството беше слободно, неспречувано од државниот поредок. Барем така изгледаше и така за тоа и се зборуваше.
Се мислеше за напред и пожелни беа и добредојдено очекувани нови таленти кои небаре печурки се разникнаа и прераснуваа во звучни и со почит спомнувани научни имиња, чија работа ја канализираше спомнатиот Сојуз на мислителите на иднината. А пак плодовите на таа нивна работа веќе претставуваа, ако не е претерана споредбата, ридови од студии, брошури, книги попотребни од сите поранешни книги, кои се отпечатуваа и потоа по евтини намалени цени се распродаваа.
Заслужено, таков ете беше поредокот, се очекуваше мислителиве, и покрај спомнатото и споменуваното, пофално да пишуваат за него. Оти тој даваше за тоа и доста пари. Не, не е важно во случајов државата, таа си беше како што има и други држави. Така мислителството, односно научното соопштување за прогресот, за иднината, и усно и во вид на брошури, на книги, стана доходовно занимање, та се наплипотија мислители од тој вид, даровити и недаровити, колку што ги береше и не ги береше.
Покрај главниот центар на Сојузов во престолнината, имаше никнати центарчиња и по сите градови и гратчиња на земјата. Е тука најдоа прифатилиште сите, што од свои внатрешни причини мораа, или се досетија да станат мислители и пишувачи. Повремено во престолничкиот, сојузен центар се одржуваа собири со сето членство од земјата, и тоа беа големи заседанија, на кои се доделуваа награди за најуспешни обмислени напишани дела, се доделуваа дипломи со примамливи парични износи на истакнати кои достигнале до големи длабочини до кои успеал да се нурне мислителскиот ум и да го предаде тоа на хартија творечкото перо. Исто така тука се вршеа избирања и преизбирања на централното раководство на овој заслужен сојуз, и тоа со таква регуларност и целосна претходна подготвеност, на која не може да ѝ се замери. И навистина не се замеруваше, само се слушаше и се гласаше. Но, полна демократија.
А се одржуваа по чести поводи собирања и во помалите центри на мислителскиот сојуз. Меѓу другото тука се читаа излагања на постигнатите научни резултати, а се претставуваа и нови брошури и книги од богатата мисловна научна продукција. Многу удостоени се чувствуваа собирањава кога на нив ќе присуствуваше некој и од неколцината на врвното, престолничко раководство на Сојузот. Тоа донесуваше чувство на свеченост, на гордост, и ваквите случаи подолго се паметеа.
Се одвиваше така работата на организираното научно, филозофско, и какво ли не вдлабочување. Особено тие што ова го правеа, прогресот го очекуваа на широки порти. Се среќаваа, дејствуваа под заедничка капа и едните и другите. Разлика меѓу подаровити и недаровити не се правеше, поправо , со времето, тоа веќе и не можеше да се прави. Другаруваа меѓу себе мислителите творци, добро беше. Барем такво нешто се гледаше на површината.
Арно ама ете на еден припадник на градското здружение, подзаборавен во убавата атмосфера во која ваквата дејност се одвиваше, му се случи да му се замери нешто на централниот врховен раководител. Поправо, и не беше тоа вистинско, смислено замерување, просто му се испуштија, онака тие неколку збора… Така си мислеше човеков, чие име веќе е спомнато понапред (Шешов), дека е слободно да се каже своето видување, па дури и критичка нагласка да имаше. Ова нема таква нагласка.
Му кажа всушност тоа што беше чул, дека во престолнината некои интелектуалци формирале ново здружение, дека имало повик, можело кој што сака и од Сојузот да пристапи во него, а јасно дека не би било лошо, рече. Рече и си ја поткасна устата, забележувајќи како во мигот изразот на претседателот, дотогаш толку добриот и друштвен Светкавичев, неверојатно му се смрачи, му наскокнаа, му се свија стегнатите веѓи , лошо се намршти.
– Што! – С’сна тој со невидена лутина, вбодувајќи му го својот изненаден поглед во кутро претекнатото лице: – Ти сакаш да го разбиеш нашиот Сојуз?! Ти ни носиш распад!
– Ама какоо…
Не му даде да зине повеќе. Само згадено му се издвижи вилицата, одбивајќи го и со раце и со целата своја нарогушена слика. – Ајде, ајде… Нема повеќе што да го губиме времето… Дури малку како да се совладуваше во големата одвратност.
– Јас… не знам оти не ме разбираш, Светкавичев… – и понатаму, се уште го потфаќаше со тие.
– Тоа најмалку го очекував од тебе! – Повторно поттикнат на огорченост, претседателов уверено си вртеше со глава.
– Ама зо…
– Ништо! Ништо не ми кажувај повеќе! Жалам!
Тој удри со прстите на обете дланки по работ на бирото пред себе, задржувајќи ги така рацете, и со многу студенина во погледот го дополни значењето на тој гест.
Шешов скршено стана од фотелјата крај масичето и без збор повеќе, си тргна кон вратата.
– Не го очекував од тебе! – му подвикна овој за збогум, со тон кој содржеше огромно каење што си беше дозволил блискост со неблагодарниот, подмолен провинцијалец!
И не попусто го стегна јанѕата Шешов. Испадна, дека мислата што слободно му ја изрече на раководителот е не само злонамерна, туку и дрска, опасна против поредокот. Овој не му рече сосем така, но постапи токму како да беше така. Го сатанизира. Какви мерки беше презел, ништо не дозна интелектуалецот Шешов, но ги осети брзо последиците. Порано, претседателов и ќе поразговараше со него, доста љубезно, и му ја беше истакнал, во четири очи, изразитата научничка надареност, а тој си веруваше дека тоа му е искрена пофалба. Уште поважно: беше мрднал раководителов со малото прсте, овозможувајќи му да му се отпечати еден помал негов труд во водечкото списание на Сојузот, што му ги беше зголемило и надежите и полетот за работа. А беше надарен, вдахновено си ја вршеше работата што ја сакаше, не жалеше труд, време, и никој во градот не го оспоруваше неговиот успех, единствено, можеби, со поголема искреност, требаше да се рече дека всушност малку му е признато… Ама сепак, арно одеше, се до замерката. Набрзо, на местото од таа поволност, вистина не изненадувајќи го, го пресретна непретчувствувана промена. И тоа тука, во неговата близина.
Веќе почна да чувствува дека е избегнуван, отпрвин не толку забележливо, но сигурно напуштан. Многу го болеше што тоа му се случуваше меѓу колегите во градот, иако не од сите… Главно, беше доволно чувствителен за да сфати дека во неопходниот нивен пристап кон него, сега изникна однекаде претпазност и сомнеж. Се досетуваше од каде потекнува работава, и многу жалеше што беше наивен во едно општење со една личност. Но каење не му помагаше.
Ама најблискиот од колегите, Спилев, се уште се држеше до пријателството. И тоа имаше за него веќе големо значење, му доаѓаше од таа другарска верност, нешто како душевно задоволување, надоместок за тажната загуба што му ја донесе времето и што толку го погодуваше. Зашто не само што го снајде тоа потполно неподготвен, туку и самата природа негова отсекогаш била против двоењето и осамувањето…
Спилев и понатаму го посетуваше, според својата претходна, веќе подолготрајна навика. Разговори за темите, во кои наоѓаа нешто слично, блиско, разговори за иднината, која мора да му е во дофат и во моќта на човекот, сонувања, секако и за лични поголеми успеси…
Тоа го надеваше Шешов, и тој сѐ уште веруваше дека ќе се изглади работата. Оти лоша е отфрленоста, посебно за интелектуалецот кој прекапувал над работата.
Во најголемата сала во градот се организираше претставување на најновото дело на истакнат општествено научен иследувач од престолнината, непознат на Шешов. Шешов, не задржувајќи се многу во контакти ни со домашни колеги, а сега веќе никако со гости, (“Од понепознатите може зло да те нападне…“) седна во четвртиот ред, а салата брзо се исполнуваше. До него останати беа уште две слободни места. Не задржувајќи се многу, дојде Спилев и сакајќи уште малку да се повртка со познати низ веќе вревливата сала, му рече да му го почува местото. Си се оддалечи, додека се уште не почнуваше.
Потраја прилично чекањето да почне претставувањето на успехот на колегата. Му беше непознато на Шешов, а сигурно и на некои од другите: кој ли уште се чека.
Најпосле настана некакво стишување и истовремено размрдување по седиштата. Луѓето се свртуваа. Низ средината на салата, меѓу редиците столови – доаѓаше, никој друг, туку лично Светкавичев, најглавниот, претседателот на Сојузот, допатуван од престолнината, придружен со уште двајца, крај него претседателот на градов, и зад нив човек од културата исто така оттука. Каква голема чест за авторон на претставуваниот труд, веќе седнат зад масата со цвеќе на високиот подиум напред, со уште еден што го придружуваше, додека неговото име со уважување шепотно се разнесуваше меѓу многубројната публика: ,,Коленски!’“ Тој бил Коленски!
Е, што му требаше на Шешов да се закачува со претседателот Светкавичев! Ама тој не помислуваше за така… Туку, кому му е сега грижа за тоа?
Се искачија на подиумот тројцата, со пристојно ракоплескање дочекани, и седнаа на средината зад почесната маса украсена со цвеќе, така што станаа сега петмина, и веднаш овој собор започна: се чуја свечени звуци на воведната, музичка точка од еден присутен градски оркестар, кој во мноштвото и во својата тегоба, дури сега го забележа Шешов.
Спилев не дојде. Бидејќи беше седнал Шешов на крај, остана, со празниот стол до себе, осамен, издвоен од другите, како прокажан…
Со немирно раздвижен поглед, брзо го пронајде, иако од седната положба, само малку поткревајќи се од столот. Зашто другар му беше седнат на почетниот стол од средината на првиот ред, што секогаш се остава за посебно почестени гости и градски големци.
А од него Спилев, значи, избега! Избега, зашто дознал дека е тука преважниот Светкавичев со својата маркантна појава, а тој з н а е ш е значи, што е останато во душата на Светкавичев за него, Шешов, и затоа… не смеел да си дозволи да биде виден од неговите очи седнат еднододруго – со кого? Со Шешов!… Преголем бил тој ризик за него, толку скапо другарство тој не плаќа. Ете зошто не дојде Спилев на празниот стол…
Погледнуваше кон големиот Светкавичев и кон плеќите и тилот на Спилев отиден напред, што поблизу до него, и тажно се каеше за престапот свој, вардејќи се дури и да не воздивне, за да не го забележат зли очи…
Сепак, малку и си префрли на себе: да не пребрзува? Зошто, всушност не дојде Спилев на празниот стол што се досега тој му го зачува? Дали за да биде седнат поблизу до Светкавичев, или за да не биде случајно виден од Светкавичев како седи до него, огрешениот. За сега се уште веруваше дека повеќе од амбиција, отколку од страв Спилев вака го извиси. Тешко му беше да поднесе дека навистина поинаку мислел Спилев, барем тој му остануваше за некакво дружење.
Вистина, кога заврши значителното претставување на научната книга на Коленски, при што не се воздржа да не каже неколку скржави, но тешко мудри зборови и самиот Светкавичев, кои му беа дочекани со луда овација, кога веќе стануваа гостите од украсената цветна маса и слегуваа од подиумот, тој, Шешов, успевајќи да се пробие низ раздвижените луѓе, стигна до н и в и ја подаде својата рака кон Светкавичев, кој, дочекувајќи го и со изненаденост, не му го одби тоа, проговорувајќи му два најконвенционални збора, – но кутриот си знаеше веќе, некоја неизбежна студенина во градите му го навестуваше тоа: немаше тој гест на љубезниот големец никакво значење. Имаше потоа и други слични, навистина болни работи за Шешов. Му се случи еден силен пример. Спилев и понатаму му покажуваше другарско лице. Сигурно не затоа што тој, Шешов, отсекогаш беше со отпуштена рака и сакаше да го чести, душата да си ја даде ако треба… Добро, но дојде покана од централното раководство. Пак голем собор на членството. Богата програма. Дневниот ред… Преизбор на раководството. А ќе има избор… и други, понови имиња се предвидуваа сега за функциите во организацијата на Сојузот. (Едно само не беше напишано, дека ќе има богата трпеза, но тоа секој го подразбираше.) Ќе оди, се разбира, и тој во престолнината. Не смее да си дозволи да се дели. Тој сака да го видат, нека се знае… треба да им докаже дека е со нив… Ама зошто мислат дека застранува тој, зошто! Сретнат со колегата Спилев, ја доживеа радоста, пак како ништо да не било, од него да го чуе предлогот: и овојпат ќе патуваат со автобусот што тргнува во шест часот, а не оној во четири и пол, нешто што нему, на Шешов, многу му одговараше, зашто работејќи до доцна ноќе, беше научен утрата убаво да си ги испива. Значи одлично. И со другарот ќе патува, независно кога ќе тргнат другите, а и наспан ќе биде. Пак го подзагреа верба, надеж… Пак се почестија во еден ресторан. Спилев го одвраќаше да не се троши толку… Спилев доброволно се понуди дека сам ќе провери во автобуската станица дали е во сила поранешниот возен ред и ќе го извести по телефон. Но се беше случило, изгледа, нешто. Дојде и последниот ден пред соборот во престолнината, а Спилев не го извести. Вечерта Шешов сам му поѕвони. Излезен бил некаде, кажа жена му. Шешов упорно, нешто подоцна, пак поѕвони. Сега се јави Спилев.
– За возниот ред за изутрина…
– Знаеш… – го прекина другарот, – во шест часот јас сепак нема да одам. Во четири и пол. Порано станат, ама посигурен ќе бидам. Што знам: може да задоцнам случајно, па незгодно ми е… Ти друго си, не се стеснуваш ти од такви ситници…
–Значи? – препрашуваше Шешов.
– Значи одиме: јас во четири и пол, ти во шест – му рече Спилев, доста суво. И сепак додаде: – Таму ќе се видиме. – Што значеше дека ќе можат да бидат во друштво.
Ќе му беше незгодно да му преречеше на другарот Спилев дека ќе појде и тој со него, во четири и пол, пред се многу недоследен, може дури чуден ќе му изгледа, толку заплашен прилепеник за него… Не! Зашто и не е повеќе другар Спилев. Очигледно, сака да го избегне. Од заразата се бега, зашто ако го видат дека не бега, и од него ќе бегаат…
Тажен беше, ама отпатува за престолнината во шест часот. Сам. Комотно имаше време. И да се влечкаше патем до големото здание во кое беше седиштето на Сојузот, пак ќе стигнеше. Во излогот на попатна книжарница забележа една книга што сакаше да ја набави, среќен дека ја догледа, влезе и ја купи. Како и при другите собори, што исто така не почнуваа навреме, подолго се врвулкаше низ големиот хол и големата амфитеатарска сала, се среќаваа невидени кои што се познаваа, некои веќе си зафаќаа места, седнуваа и чекаа да се заврши таа навика со доцнењето на почетокот. Немаше што да прави, седна и тој. По некое време до него седна крупен, убаво исправен млад подзгоен член со ведар изглед. Полека, седиштата се пополнуваа, однадвор тука се пренесуваше вревата. Кај да е, ќе почне скоро. Се изненади кога, оттргнувајќи го погледот од прелистувањето на интересната книга што ја купи, го догледа веднаш до масивната фигура на соседот – Спилев! Еј, небаре неговата близина да ја побарал, како порано?… Но тој веќе си велеше дека тоа би можела да биде само слатка илузија. Досега нигде го немаше – каде ли беше Спилев, што воопшто не го виде? Масовната мешаница ли беше причина? А другите колеги – сограѓани, убаво ги догледа како заедно се држат – всушност тој, Спилев, задоцни! Побрзал на слободното место, еве, си седеше, мирно загледан пред себеси, ни поим немаше дека тука, само преку еден човек, поиспречен вистина, е седнат тој, Шешов. А вистина, си беше мал по раст, незабележлив. Ништо не направи, нити осети повеќе желба за ново залажување, им се врати на страниците од книгата во рацете. Во помисленото за божемниот другар се увери само по неколку минути, што му ги одзеде книгата. Кога повторно ја крена главата од страниците и погледна покрај корпулентниот спокојник до себе кон Спилев – него го немаше повеќе тука. Местото пак беше празно. Го видел него, и избегал. Сигурно и се прекорил поради својата непретпазливост. Да го видат ли покрај него, непожелниот, сомнителниот, опасниот за хармонијата во Сојузот!! Зарем не беше сто на сто, илјада на сто веројатноста дека е така? – Зарем станал оттука без да го видел него? Доста со такви глупави верувања, лажења на себеси! Се преместил Спилев некаде доволно безбедно подалеку…
Ова му беше поучен, конечно вразумувачки случај. Зашто најјасно можеше да увиди колку е непожелен, небаре опфатен од тешка заразна болест – по постапките негови, на својот долго време поблизок колега, Спилев. Времето кое продолжи да си тече и кое за него не беше истото, му ја потврдуваше таа непријатност и вистинитоста, големината на тој проблем, со кој болно се најде опкружен. Опкруженост која го правеше сам. Зашто беше опкруженост веќе со отворено недоверливи, сомничави погледи. Додека не дојде, најпосле, отсуство на секакви погледи, превидување, сосем упадливо незабележување од тие со кои беше порано заедно во градот. Превидување, што разбудуваше во него една мачителна чувствителност… Сосем се осами. И престана да ја работи својата интелектуална работа што порано толку му го исполнуваше духот. Збркан, длабоко вознемирен, не успеваше да ја додржи смислата на своето долготрајно трудење. Тоа беше некое вдлабочување… Создавачка работа… Која ќе му донесеше подобар живот?… Сето некако се лелееше, му се маглееше, ништо не остануваше. Си стана многу помалечок човек отколку што беше. И повеќе не залажувајќи се со ништо, со силно жалење си го откри тоа, дека станал голем губитник. Да не може како другите, колку-толку нормално да си го живее својот живот. А веќе и неговото семејство… Запустеник! За ништо. За глупост своја.
Овие работи, со обично око погледнати, се чинат можеби не толку драстични, но длабоко ги доживеа нашиот Шешов. И му остана тешко да сфати: ,,Каква била чудна природата на луѓето!“ Сепак, другите градски колеги, од првиот до последниот исти во непомирливоста на односот, му послужија за ништо. За едно поделикатно објаснение што во мигови на посмирена размисла, од едно време, почна да си го мрмори во себеси. Се однесуваше на Спилев, тој толку долго време приврзан негов другар. Имајќи го искуството колку е тешко да се биде отфрлен, иако го болеше неговата постапка, сепак, појасно согледуваше во себе и оправдување за него. Речиси со сожалба го замислуваше на исто место како себе, исто отфрлен… Нели и тој, Спилев, имаше да покаже во јавноста нешто од своето научно создавање? Е па, како да си дозволи да му биде тоа оневозможено? Зарем не би било гревотно! Шешов скоро се обвинуваше себеси.
Туку, настрана сето тоа… зарем и можеше нешто да му помогне едниот, осамениот Спилев?…
Дали не постојат некои кои можеби цел живот ги следи зад петици судбината на лепрозници, а пак можеби и прават усилби да се борат со таквата судбина?
Што можеше друго да размислува човекот без среќа!
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 23 и 24),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 23/24)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)