ПАЗАРЕН ДЕН
Ќе одам да си купам нови илузии
додека се свежи и ги има во изобилство.
Ќе го затворам дуќанот и ќе ставам натпис на вратата:
„Не знам кога ќе се вратам“.
Ќе разгледувам по продавниците за желби
и ќе се задржувам онолку долго
колку што ми е гладна душата за сонување.
Значи, не ме чекајте денес,
Си имам работа.
Денес ми е пазарен ден.
Ќе си купам ново време
и нови приказни
и нови причини
за талкање под сонцето,
додека не се изморам
додека навистина не биде доста.
Ќе се пазарам со просторот
оти ми е претесен.
А од времето ќе побарам да подзастане,
да се одмори,
додека јас не се изморам.
Денес е пазарен ден
и оставете ме на раат да си го терам пазарлукот,
за да стигнам да ги наполнам торбите
со забранети овошки.
Оти моите градини чекаат
и бараат нови садници.
Потоа ќе го префрлам испазареното преку рамо
и ќе го напуштам пазарот.