Мирјана Стојановска
Битола
Пелистер е гулабот кој се гледа
од кај црквата св. Тројца
во лет,
со раширени крилја
како легенда за слободнио6т дух
на мојата Битола.
Тој секогаш лета
во правец на Широк Сокак,
дур дождови го мијат
конзулското време.
Стариот Театар,
Старата битолска чаршија,
Дрвен Пазар и Ат Пазар,
во фотографиите на Манаки
го поврзуваат записот за Битола
кој сѐ уште дише низ Широк Сокак.
Мирисот на старото и новото проникнување
на поединечни летови
секогаш наоѓа место во старите книги
меѓу оние записи за средновековна Битола,
за калето, за стотината манастири во овој град
и ѕвоната на камбаните.
Врската со Хераклеа
ме потсеќа на сината градина
на Александровата мајка,
тука, крај Битола,
кај страшниот суд и суровата Немеза
како вечна муза
и постојан предизвик за истражување
во длабочините на мојата земја.
Во театарот на Хераклеа сум јас
со гладијаторирте на моето време,
со ѕверовите кои постојат
заради високата ложа.
Јас сѐ уште стојам на средината
од театарската сцена
и го слушам
ехото на пластовите на историјата
под ова тло
и под ова широко отворено небо
на мојата земја.