ОДГОВОР
Барам зборови
Со борина барам светлина
Барам шари
И везови
Барам златен гајтан
Срмен целув и мониста
Да ти ја пресликам душата
Да ти ја дофатам
Радоста во очите
Да ги разврзам
Сите уроци и магии
Лоши очи
И пакости
Со сите тревки од полето
Од ливадите под селото
Со води петочни и
Со води гргорливи
Со сите бистрини
И со солзи радосници
Да ти ја разладам душата
Што ти гори од добриње
Од сè што даваш и наддаваш
Од сè што малку си прибираш
Мислиш светот е куќа над куќите
Има место за секого
За сите јата што вијат
Седела под стреите
Барам зборови
Едноставни
Зборови со душа и намек
Зборови што имаат разбор и повела
Зборови
Што од зората зазоруваат
И во вишнеењето
Во срцето се вдомуваат.
Едно пиле ми доаѓа во сонот
Едно пиле лекокрило
Ме буди во сонот
Едно пиле шарено ми црцори на увото
Што и да е, како и да е
Летка, се вртка, претка со крилцата
Од косата плете виножито
Од тонови и бои
Симфонија на светлина
Оти е светло на душата.