ОБ
Облак, облека на проѕирноста,
тоа е лукавство што само
еднаш успева, ако е тоа,
ако успева, ако е тоа тоа.
Обмислен, проветрен, облик
на редок воздух, на редок вознес,
преобликувана, чиста случајност,
празник на иста празнина,
јатка на голема помисла,
на голема замисла за долг
спрема должината, да бидат
долу облакот, обликот и проѕирноста,
да има празник на чиста празнина,
темното да рече оп, да тече Об.
(Стојчевски, С. (2017). Об. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, П. Димовски и В. Мундишевска-Велјановска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 17, стр. 33)