ТЕСТАМЕНТ
Пред да почине
дедо ми,
нè гледаше нас
детишта недораснати
и сакаше нешто
значајно да ни рече,
а ние,
играјќи си котара,
не сакавме да слушнеме
што сака да ни каже.
Кога си замина
од овој свет,
ние, пораснати,
„ајдуци“
како што не викаше,
со години,
го баравме
неговиот тестамент:
на таванот,
во мутлите,
во темниот ќерал,
под секоја ќерамида…
Го најдовме
во големиот амбар
од кој
сме го потрошиле
житото до зрно,
а зрно со години
во него
не сме ставиле…
Во тестаментот пишуваше:
” На гладен стомак,
во гладна држава
не се игра котара!”
(Манојлов, П. (2020). Тестамент. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. Д. Андоновска-Трајковска, М. Димитријовска Радевска и С. Гаџова Свидерска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 21-22, стр. 43-44)