ЗБОРОВИ
Се раѓам во собата со бебешка ономатопеја.
Бос и гол влегувам во одајата на јазикот
од детски крици и звуци.
Во недопрениот свет сѐ е мокро и мирно!
Таму е чист и незагаден умот,
таму нема место за вишокот зборови во темни акрилни бои,
таму нема граници во синтаксата на звуци од природата и културата.
Останувам во видното поле на семантиката на извиците.
Тогаш во нив ја живеам слободата и
во нив го сеам мирот на говорните сеидби!
(Мијаковска, М. (2016). Зборови. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, П. Димовски и В. Мундишевска-Велјановска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 15-16, стр. 83-84)