РЕКВИЕМ ЗА СМРТТА
СЦЕНА 1
(Состојба на агонија во некакви илегални простори непозна-ти дури и за сите нив. На сцена Апостол, Марија, Коле Не-делковски, Волче Наумчевски, Првиот идеалист, Маргарита Софијанова, Втор идеалст, Ратка, Никола Оровчанец, Ни-кола Јонков Вапцарот)
ГЛАСОТ НА КОСТА РАЦИН
(Кон сите)
„И ако не умрам дома
туку кај што стии пиштат
в борба искри кај што л’штат –
блазе речи на душата
има зошто душа да е!“
АПОСТОЛ
(Веднаш по Гласот на Коста Рацин. Кон сите)
Не е болката во раната што искрварува,
туку тоа што и поколенијата ќе ги боли.
Ти искрвари како вино од скршен бардак,
а тие ги бришеа само крвавите траги.
ГЛАСОТ НА КОСТА РАЦИН
(Веднаш по Апостол. Кон сите)
„Јас јачам,
ти јачиш,
тој јачит,
сè друго било само с’лнце во огледалце.“
МАРИЈА
(Веднаш по Гласот на Коста Рацин. Кон сите)
Го чекаа истекот на последната капка живот,
како сенки на нaдвиснати мршојади,
и го згуснуваа мракот на својата завера
да нема ни ѕирка за зракот на вистината,
телото плитко, а вистината длабоко закопана
да не за’рти сомнеж,
од гнилежот на послушноста!
КОЛЕ НЕДЕЛКОВСКИ
(Веднаш по Марија. Кон сите)
Го премолчија времето на тајните заговори,
ги покрија трагите на твоите ракописи,
го расчистија патот кон походот,
убијците одродени од татковината,
до кои не допрел врелиот копнеж,
на „Антологијата на болката“,
што ја остави како аманет за навек.
ВОЛЧЕ НАУМЧЕСКИ
(Веднаш по Коле Неделковски. Кон сите)
Не го поделивте последниот оброк,
онака братски, како што личи и приличи,
а под заклетва бевте
да умирате еден за друг,
а сега од здивот нивни
само морници те лазат
додека истекуваш капка по капка
во длабокиот вир на судбината.
ПРВИОТ ИДЕАЛИСТ
(Веднаш по Волче Наумчевски. Кон сите)
Помниш ли, о бунтовен пролетеру,
колку изневери проѕвездија
во твоите тревожни несоници?!
МАРГАРИТА СОФИЈАНОВА
(Веднаш по Првиот идеалист. Кон сите)
Веруваше како што љубеше,
до болка ранлив во сонот,
а соништата те одминуваа,
како лудости и патешествија.
ВТОРИОТ ИДЕАЛИСТ
(Веднаш по Маргарита Софијанова. Кон сите)
Ја помиш ли Магдалена:
„ангел лице – камен срце“.
Сега немаш време да се сетиш
на русите коси,
на бојкотот на страстите.
О, Невен Пејко
на украдените стихови,
на последниот акростих,
во мирната соба,
и одговорот конспиративен,
како тајна лозинка.
РАТКА
(Веднаш по Вториот идеалист. За Коста Рацин. Кон сите)
Беше восхит и инспирација,
силно возвишено сакан,
ама некој друг се воздигна моќен.
ПРВИОТ ИДЕАЛИСТ
(Веднаш по Ратка. За Коста Рацин. Кон сите)
Сети се поету, пролетеру,
не е секоја борба света,
сонувачу!
Ајде сега бори се со овој сон,
и порази ги високите идеали
на последната голтка живот.
НИКОЛА ОРОВЧАНЕЦ
(Веднаш по Првиот идеалист. За Коста Рацин. Кон сите)
Сети се на директивата,
на брачната завера,
спасител за оној во занданите.
ВТОРИОТ ИДЕАЛИСТ
(Веднаш по Никола Оровчанец. За Коста Рацин. Кон сите)
Ти веруваше,
другарите те изневеруваа,
и ти изневеруваше,
еј Солев,
еј Рацин,
еј Невен Пејко.
Еј Дончо.
Еј!
НИКОЛА ЈОНКОВ ВАПЦАРОВ
(Веднаш по Вториот идеалист. За Коста Рацин. Кон сите)
Кому ја даде АНТОЛОГИЈАТА.
Кому ја подари УТРИНСКАТА ХИМНА.
Кого исчекуваше мајка до зори.
Сети се пролетеру
на студениот поглед
на јаничарите од српското братство.
Еј!!!
Кој е тој зад вас,
што ја засенува планината,
еј колку е црвен овој мрак!
(Сцената се затемнува се слуша тешка музика од која очите се полнат со солзи)
(Пејковски, З. (2017). Реквием на смртта (Сцена 1). Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. З. Пејковски, П. Димовски и В. Мундишевска-Велјановска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 17, стр. 75-78)