ЧЕТВРТО ПРОВИДЕНИЕ
Долго го топлев тој збор на гради,
како кукавичјо јајце.
Тој ми беше и клетва и аманет.
Наутро – молитва.
Навечер – песна што ме успива.
Тој збор ми ги бришеше солзите.
И брчките.
Тој ги мамеше насмевките да траат,
да бидат силно вљубени во усните мои.
Долго се вслушував во него,
да не замолкне
и да не ме заѕида молкот.
А кога го снема, тогаш дознав.
Таа беше пред него и по него остана.
Сеприсутна. Мирна. Блажена.
Тишината…
(Стојаноска, Г. (2019). Четврто провидение. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. Д. Андоновска-Трајковска, М. Димитријовска Радевска и С. Гаџова Свидерска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 20, стр. 53)