КНИГА
За време на конфискациите, покрај имот и злато, од некои богати куќи се конфискуваа и книги. Детето Никола одеше по една арабаџиска кола, натоварена со книги, како што исто така едно куче одеше по колата од Касапницата, натоварена со месо, која се наоѓаше на неколку метри пред колата со книгите. Кучето залудно се надеваше дека ќе се добере до некој кокал, но и детето Никола не губеше надеж дека ќе дојде до својот плен. Така и се случи. На калдрмисаната улица колата дрнкаше и една дебела, добро подврзана книга се лизна од купот и падна на патот. Детето со пантерски скок се спушти кон неа и ја зграби. Но само што се исправи, почувствува како и него го зграби за уво една рака. Го собра вратот од болка во знак дека се предава. Еден човек во винт-јакна, препашен со ремен и со пиштол на ременот, држејќи го за увото го натера да ја врати книгата во колата. Тој ја постави таму меѓу другите книги при што ја помилува и небаре ѝ посака добра среќа. Човекот, мрморејќи му нешто и заканувајќи му се со прстот, го пушти, а самиот, туркајќи ги книгите во арабаџиската кола како да се зелки, ги потсобра на куп.
Детето Никола не се откажа од својата намера да дојде до некоја книга. Сметаше дека ќе биде негов голем пропуст тоа да не го постигне при еден таков нивни јавен транспорт. Одвреме-навреме фаќајќи си го увото за да констатира дека му е на место, тоа, сега на поголема оддалеченост, продолжи да ја следи арабаџиската кола. Притоа стана сведок на еден настан кој го згрози, кој му нанесе рана во детската душа. Човекот со пиштолот, задолжен за преносот на книгите, имаше проблеми со книгата што падна, па потоа беше вратена во колата. Таа пак се лизна и падна. Тој пак ја врати назад. Таа падна и по трет пат. Тогаш тој од појасот го извлече пиштолот и, небаре застрелувајќи ја, со куршум ја продупи во средината. Така продупена ја надена на еден од страничните колци на колата изострени како шилци. Притоа, како да направи подвиг, погледна наоколу небаре во очекување на аплауз. Повеќето од сведоците на таа сцена без згрозени од неговата постапка, но имаше и такви кои му аплаудираа, гледајќи во тој гест симболична демонстрација на сила на новата власт.
Тој човек беше Киме Василичин, извршител при Референтството за култура во Народниот одбор. Книгите ги растовари во испразнетата просторија на Еврејската авра зад Безистенот, одбра неколку дебели, меѓу кои и онаа што со куршум ја продупи и со нив се врати дома. Тие му послужија небаре тули со кои го потпре на средината креветот зашто многу му крцкаше. Потоа пак се врати на работа во Референтството каде што се задржа до два часот. По завршувањето на работното време појде да руча во една менза со самопослужување наменета за службеници од Народниот одбор. Готвачката Дана му нацрпи во порцијата две парчиња месо од месото што тоа утро од Касапницата свежо беше пренесено во мензата. По ручекот се задржа во клубот на Резервните офицери на некоја партија домино со својот пријател Мите. Играа до шест часот кога Мите појде на ноќно дежурство во Конзервната фабрика. Киме се врати дома каде што ја мина ноќта со готвачката Дана, жената на неговиот пријател Мите. Креветот не крцкаше. Книгите, меѓу кои и онаа простреланата, успешно си одговорија на својата намена.
Книгите, како и луѓето, си имаат своја судбина. Којзнае што сè друго ѝ се случи на простреланата книга, ако воопшто нешто понатаму можеше да ѝ се случи, ако таму каде што се најде нејзината судбина не беше запечатена. Впрочем, таква каква што беше, прострелана, неупотреблива за читање, можеше ли да има друга намена од онаа што ѝ ја одреди Киме? Ни писател сезнаен како бог тоа не можеше да го знае.
Но, ете, педесет години подоцна, детето Никола, сега стар професор по книжевност и писател, минувајќи низ чаршијата преполна со продавачи на разна стока, изложена по улиците на тезгиња, забележа едно дете буништарче на негова возраст од пред педесет години кое нудеше на продажба книга – насреде продупена. Забележувајќи ја во рацете на детето, кое ја држеше како в црква свештено лице што држи Евангелие, нешто во душата го жегна – некоја стара рана. Се сети на случајот со застреланата книга и му пристапи на детето.
– Можам да ја разгледам? – го праша.
– Можете! – му рече детето и му ја подаде.
Стариот професор Никола ја прифати со растреперени раце. Почна да ја прелистува. На страниците забележуваше засушена крв од прострелната рана.
– Зошто е книгата продупена? – го праша детето.
– Не знам. Ја најдов таква фрлена во една канта за ѓубре. Но мислам дека уште може да се чита.
– Ја продаваш?
– Ја продавам.
– Колку пари бараш за неа?
– Колку за еден леб.
Професорот му ја плати бараната цена. Детето, радосно што ја продаде книгата, што дојде до пари, влезе во една фурна, купи еден сомун леб, го стави под мишка и си замина. Професорот Никола го следеше со поглед сè додека тоа не му се изгуби од видот. Потоа и тој ја стави книгата под мишка и, сиот возбуден, внатрешно разбрануван, продолжи низ чаршијата.
(Костов, В. (2020). Книга. Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“, Уред. Д. Андоновска-Трајковска, М. Димитријовска Радевска и С. Гаџова Свидерска. Битола: Битолски книжевен круг, бр. 21-22, стр. 67-69)