ЗАПУРНИНА
Овие доцни запурничави августовски пладниња
и влажната постелнина на која паѓаат косите зраци на сонцето
низ полуспуштените ролетни
правејќи бразди налик на златна зебра
потсетуваат на поспани одоморалишта покрај патот
гостилници кои нудат сместување без пријави и такси
на спратот со шишиња со вода
наредени на балконот покрај земјените саксии.
Ме потсетуваат и на мувливите студенски соби
на страниците на џебните романи
во кои се редат имињата на Нана, Колет и Моне
и нивните љубовници кои најпрвин се бричат за да го истапат жилетот
а потоа им го додаваат во кадата со мирислива пена
на мазните нозе, свилените влечки, мушами и ноќници од тул
на тенките преградни ѕидови и тешките железни кревети
зад кои се слуша секој шум и повлекување на вода
Ме потсетуваат на разговорите со ладно пенливо вино,
младо сирење и грозје
кое мрзливо го дофатувавме од лозницата над нас
и го јадевме неизмиено
дискутирајќи со полна уста
за влијанието на Симон на француските структуралисти
што таа неоспорно мораше да ја остави
барем до степен до кој Сартр влијаеше на филозофијата на егзистенцијализмот
како да е тоа најважното прашање на светот
ако ја изземеме смртта на интелектот
мирисот на водените лилијани и крекањето на жабите
пак сме во суштината на почетокот.
КАТАРИНА САРИЌ, Црна Гора
Превод од српски на македонски јазик: Милица Димитријевска Радевска
Наскоро во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 23),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Милица Димитријовска Радевска и Елизабета Јончиќ, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
Soon in Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 23)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Milica DImitrijovska Radevska, Elizabeta Jonchikj, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)