АКО СМРТТА
Ако смртта
некогаш ми биде излез,
ти дотерај се,
облечи се
во црна свила,
да ја славиш
свеченоста,
да ја покажеш
убоста,
да видат
кого сум љубел,
пред да се венчам
со старите спомени.
Ако смртта
некогаш ми биде излез,
тоа ќе значи дека не умеам
да ја докажам љубовта
пред олтарот на заклетвата
за верност кон животот.
Ако смртта
некогаш ми биде излез,
облечи најубаво црнило,
за да се вљубат
и другите во тебе,
и да ми го простат
кукавичкото бегство
од самувањето.
Ако смртта
некогаш ми биде излез,
прошетај ја сама
мојата гордост,
нека засени светлината
што ќе стежне
над мермерот
кога тагата ќе стивне.