Златко Жоглев
МИРИСОТ НА ЉУБОВТА
Ко мајчино млеко на бебешки усти,
Ко момински желби, сништа пусти.
Ко мирис на јоргован мајски,
Ко цвеќиња рујни рајски.
Ко страст за животот, силна,
Ко мајчина насмевка, милна.
Ко копнеж по Сонцето страстен, силен,
Ко поглед благодарствен, милен.
Ко укрепувачки, милозвучни зборови,
Ко цвеќиња во уредени дворови.
Ко напрегнато сладостраствено очекување,
За нечие незаслужено простување.
Ко длабоко, искрено долгоочекувано разбирање,
За туѓото, или нашето, неразбирливо понирање.
Ко парање на воздухот од птица во лет,
Ко посета утринска на пчела на цвет.
Ко светлина живототворна врз се што е земно,
Што го надраснува лесно пропаѓањето темно.
Ко потпора пријателска, грижна, при урнисување,
Што помага за човечко издигнување, крунисување.
Ко бакнеж јавен на заљубени, без срам,
Ко целувка на света икона во Божји храм.
Таков е мирисот на Љубовта, кој може да се вкуси, допре,
Кој е безусловен и никој и ништо не може да го сопре.