МОТОРЦИКЛ
Се потсети. Првиот рече нешто. Другиот му возврати. Првиот беше во право. Или другиот? Повеќе не беше сигурен. Тоа се случи за време на саемот. Беше пијан. И другиот. И третиот. Сите беа пијани. Секогаш ќе се опиеја кога имаше саем.
Не се сеќаваше ни кого го прободи. Кој од оние двајца? Ни со кои зборови идниот покојник го поттикна да изреагира така.
Беше трезен, наспан, и додека чекаше имаше време да размислува.
Немаше часовник на раката. А беше сигурен дека таа доцни. Секогаш доцнеше. Сите жени кои ги чекаше доцнеа. Женска работа.
Конечно пристигна. Насмеана како ништо да не било. Нему не му беше до смеење. Немаше причина за тоа.
Не му се извини што задоцни. Како ни тие пред неа. Што си мислат тие? Дека доцнењето е женска привилегија?
Му рече:
─ Знаеш ли што е ново?
Не одговори ништо на тоа. Зошто тој, би морал да знае што е ново кај неа. Зошто да биде сезнаен.
─ Бремена сум.
Ја знаеше таа приказна. Типична женска приказна. Сите тие подоцна истото го велат. Сите лажат исто. Штом ќе почувствуваат дека можат да си го изгубат мажот. Да го врзат со нешто. Божемно со дете. За да го врзат за олтарот.
Не беше тој наивен. Кога ќе слушнеше дека жената зборува за бременост, ја оставеше. Потоа би ја гледал само случајно. И тие не би биле бремени додека конечно не сретнат некоја будала. Оној кој навистина би помислил дека детето е негово.
А тој неа не ѝ го рече тоа што им кажуваше на другите. Не ја прекори за лагата. Не ѝ рече дека ја остава. Не ѝ рече ништо. Зборуваше во себе. Разговараше сам со себе.
Што ако е навистина бремена? Што ако зачнатото е навистина негово? Тоа кое расте во неа, и кое ќе расте надвор од неа, а без него. Татко. Татко кој ќе биде таму каде му е местото. Таму каде што е заради афектот, и треба да биде. Детето ќе израсне. Растено без татко. Ни прво, ни последно.
Ако е бремена, навистина бремена, ќе се ожени со неа. Таа жена која не е ни подобра ни полоша од претходните. Еднаш би требало да се смири. Но не во четири тесни ѕидови.
Дали ќе се израдува кога ќе ѝ го каже тоа?
Да. Сигурно ќе се израдува. Сите тие сонуваат за брак.
Би било добро ако може тој ритуал да се направи брзо. Многу брзо. Пред да разбере таа. Пред да заглави.
Но, што ако тоа не е вистина?
Не е важно. Подобро таму да каже дека има некој. Не само мајка. Дека има жена. Каква и да е. Тоа би му значело. Многу. Таа и мајка му ќе го посетуваат. Потоа ќе доаѓа со детето. Ако го има. Му го допре коланот. Знаеше што значи тоа. Курва. Секогаш беше курва. Нему до тоа не му беше дојдено. Со драга волја би го извадил коланот и би ја истепал. Да го запамети за сите времиња.
Но, тоа нема да го направи. Само ќе ѝ каже. Ќе ѝ го каже она што претходно не ѝ го рекол на ниту една жена:
─ Во ред. Ќе те земам за жена. Навистина ќе се оженам со тебе.
Се насмеа, сигурно. Изгледаше како да е среќна.
За разлика од него. Знаеше што го чека.
Зарем го сакаше? Зарем навистина го сакаше? Или само сакаше да се омажи. Има повеќе од дваесет. Време и е. Најде будала маж. Се молеше на Господ да го добие. И, го доби. Го улови.
Ама тој сега навистина сакаше да се ожени со неа. Посака и тој да се помоли. За да не се премисли таа. Тоа лесно може да се случи. И сигурно ќе се случи. Дури и ако е навистина бремена. Зарем на нејзиното дете му треба таков татко? Наскоро ќе дознае. Но нема да разбере од него. Ќе дознае цело село, па и таа. Зар сега треба да ѝ се каже? Да ѝ каже што направил недолично?
Нема да ѝ каже. Нема да се исповедува.
Зошто да не ѝ каже? Нека дознае. Прва нека дознае. Таа ќе му биде сопруга. Таа прва треба да дознае.
Да дознае што направил.
Но, ќе биде смешно. Да ѝ каже сѐ, а да не знае на кого му го направил тоа.
Ја фати за раката која се уште стоеше на неговиот колан. Ја зеде и ја бакна. Не се сеќаваше дека некогаш ѝ ја бакнал раката. Тоа го правеше одамна. Кога беше дете. Им ги бакнуваше рацете на старици.
─ Морам да одам. ─ изусти.
─ Зар веќе? – се зачуди.
─ Морам да одам, навистина…
─ Каде?
─ Не е важно. Но, ќе се видиме наскоро. Се надевам…
─ Каде ќе се видиме? Кога?
─ Не знам кога. Дојди кога ќе можеш. Побарај ме…
Тогаш тргна.
─ Збогум, ─ рече.
Прв пат не ја бакна на разделба.
Не се заврти наназад.
Седна на моторциклот. Јуреше. Знаеше каде треба да појде.
Застана пред зградата. Пред сивата зграда во центарот. Да се пријави. Тие знаат што направил. Преостанува само уште тој да дознае кому му го направил тоа.
Тогаш се сети. Моторциклот. Не беше регистриран. Покрај тоа не беше ниту негов. Беше од брат му. А тој не ни имаше возачка дозола. Колку прекршоци одеднаш.
Го однесе моторциклот пред училиштето. Таму го паркира. Отиде до телефонската говорница. Телефонираше кај брат му.
Никој не се јави.
Потоа замина таму каде што требаше да оди. Да се пријави и да остане.
Превод: Елизабета Јончиќ
Translation: Elizabeta Jonchikj
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 23),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 23)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)