„Фауст го трча плебејскиот круг“ – естетско искуство на сложена композициска мотивација
(кон книгата „Фауст го трча плебејскиот круг“ од Стефан Марковски, изд. „Битолски книжевен круг“, Битола, 2020 г.)
При првата средба со ракописот „Фауст го трча плебејскиот круг“ се судираме со сложена композициска мотивација и специфична полифонија на мотивациските односи. Оваа полифонија, уште на почетокот, низ насловот разоткрива важен елемент за структурата на делото. Авторот сугестивно нѐ наведува со симболика да го препознаеме широкиот обем на топикот. Користејќи ја имагинацијата да ги препознаеме уметнички обликуваната автокомуникација, високите достигнувања во науката, објективистичките описи на општествените бездни и општествено важните вистини за животот и светот. Ова дело е карактеристично по структурната поставеност во нарацијата. Содржи шест елементи од коишто е составена целината. Иако шесте приказни се одделуваат сами за себе како посебни целини, имаат заедничка матрица во планот на изразот. Структуирани се како раскази но се чувствуваат драмски елементи, динамички покренувачи на дејство и статички мотиви коишто ги опишуваат одредените ситуации. Авторот многу вешто прави комбинација на лирски и драмски компоненти во текстот. Експериментира со жанровите. Во две приказни „Пред да ги фрлам булките во амбисот“ и „Ступор“, карактеристичен е лирскиот почеток којшто наликува на монолог, односно прво лице, кое дејствува и како херој и како коментатор на настаните за понатаму, нарацијата да се развие во дијалошка форма. Содржината во расказот „Ступор“ претставува естетско искуство претставено преку концептот на идејата од аристотелска катарза. Првото читање остава впечаток на хорор расказ пропратен со трепетно чувство на страв и сочувства што го запираат здивот наведувајќи на сугестивна автотероризација на читателот до оној момент кога втиснатата фикција од сликите врз разумот не разбледи во реалното видување на затворената текстовна порака. Овој белег на трагедијата, односно емотивниот контакт со читателот трае од почетокот до крајот на расказот. На посебен начин грдото се сплотува со естетско влијание – ослободување на душата од афективната состојба предизвикана од „грдосијата на човечките пакости“.
Во приказната „Пред да ги фрлам булките во амбисот“ низ дијалогот се јавува уметнички начин на игра со читателот, елемент на опозиција молк/реч, односно несоодветност на зборовите со мислите и чувствата на ликот (мајката, болна од рак во напредна фаза кажува дека е добро), додека пак во „Ступор“ дијалогот се претвора во остра емотивноекспресивна сондажа. Расказот „Фауст го трча плебејскиот круг“ според внатрешниот состав е исповедувачки мемоар-монолог. Во целината е забележана во повеќе наврати вметната мелодраматичност каде што музиката на важни места во текстот го следи говорот на ликот со нагласено сентиментална тематика. На моменти може да се помисли дека звуците на „Патетичната соната“ од Бетовен траат до крајот на делото. Наглите промени и драматичноста во темпото на таа композиција втемелувајќи ја разбрануваната акустичка слика на тонот и зборот во свеста на читателот соодветствуваат со монтажните секции во сижејно – тематското единство.
Интересна е тематската драматична основа „нуклеарен холокауст“ во „NOCEBO EFFECT“ и тврдата научна фантастика во „Цвет откинат од тишината“. Во овие два раскази постои соединување на две епизоди коишто ја носат уметничката информација а тоа се дијалогот и живописната сценска конструкција прикажана низ богат лексички дијапазон. Првиот, во стил на поджанрот апокалиптична фантастика го пренесува читателот во силен афект на уметничка фикција комбинирајќи ги реалните факти со измислените фантастични елементи, со претходно имплицитно предупредување за трубите на седумте ангели и почетокот на катастрофите за човештвото, за отворањето на седумте печати, уништување на природата и почетокот на нова борба помеѓу доброто и злото за да заврши со закана и условување од злите сили. И вториот расказ се одликува драматична основа во тематиката од подробно одбрани научни елементи соединети во две животни приказни, поделени во две временски рамки, првата завршува уште незапочната откривајќи ја сегашноста со смртта на познатиот истражувач и научник кој постхумно добива ордени за заслуги и признанија. Во таа временска рамка е изоставено место на дејство, пренесена е само кратка информација како пролог што треба да биде вовед за последователните дејства коишто се одвиваат во реално постоечки пренесени место на дејство (Билбао, Барселона, Баскија) и просторно-временски пресек од десетина месеци (од еден августовски четврток до полниот ек на мај). Во содржината на овој расказ вметнати се широки поими од физиката, и трагичната судбина на ликот од генијалната физичарка. Таа е трагичен јунак којшто е жртва на својата несреќна судбина, покрај генијалноста и надмоќното знаење, покрај откривањето на „цветот од тишината“ завршува во душевна болница. Останува празно место во текстот кое читателот треба да го пополни со своја утврдена вистина, дали за генијалното откритие е одликуван вистинскиот лик или „Цветот“ е откинат од тишината во замена за возвишено спокојство (катарза) во трагичната виновност зашто „Секое парче од реалноста ја крие својата вистина во сенката на целината“. Тој „Цвет“- откритие плод на фикцијата во дискурсот го втемелува расказот во тврдиот научно фантастичен жанр.
На планот на содржината впечатливи се ликовите на протагонистите од расказите. Секој од нив е носител на одреден морален и социјален концепт, реален или имагинарен. Спрема начелото на разновидност во единството гледната точка започнува од мотивациските ставови во насловот, тогаш имаме: „Фауст“ еден од вечните ликови во литературата поставен како протагонист потоа „брзото одење“, типична ситуација исполнета со динамика, и „ плебејскиот круг“ синтагма – знак што претходно ја најавува нераскинливата врска на обесправената и осиромашена лична слобода на „нискиот“ човек, со симболот на единството и севкупноста – кругот. Оваа поставеност укажува на постојана борба во која почетокот е поврзан со крајот во невидлива и мистериозна врска а неговото изодување ќе тежнее кон облагородување на личната слобода и тежнеење кон повисоки цели. Рефлектирајќи синтеза помеѓу земното и божественото, реалното и имагинарното, фантастичното, се открива светот на ужасот и убавината, неправдата, страдањето, отпорот и бунтот, светот на иронијата и радоста, луцидноста и немарноста, раѓањето и смртта, апокалипсата… И повторно кругот како симбол во „булките што паѓаат во амбисот, во отворот на пештерата… во Фауст, според германската легенда ја продава својата душа на ѓаволот за да ужива во земските задоволства и да се стекне со неограничено знаење. За контрастот да биде поверодостоен, „Фауст“ во ова дело успева да ги прошири своите видици и да го пронајде својот пат низ „остроумноста, таа фасадна раскриленост на умот, како ангел пречист и прелесен умее да те дигне од земи, и со леснина на едно замавнување на крилја умее да те закопа, како Велзевул, вземи во најтемното“ но патот е пронајден во мигот пред целосното угаснување, во мислата „Патот угоре е еден и за мене неизбежен, вреди да се биде љубоморен“ бидејќи „љубомората кон себеси може да разискри оган посилен и од сончевиот и Божји што го грее тлото на кое ги правиме грешенијата човечки“. Како лик-протагонист е носител на мистичноста што провејува во амбиентација од разни веројатности, можеме да го пронајдеме во еден од „многуучените“ во првиот расказ, во докторот Мисла во „Ступор“, во Фридерх Н. во „NOCEBO EFFECT“, во ликот дублет Марко/Жан во Пештера на случајните желби, во Океана во „Цвет откинат од тишината“. Кога зборуваме за расказот „Пештера на случајните желби“ забележуваме разлика со претходните во актуализацијата на местото на дејството „нашата пештерна црква Св. Архангел Михаил“, вметнување на хронотоп време – простор „ноќта мина налудничаво и спокојно; ораниците крај патот оросени со кристална слана; изненадувачки светлата ноќ“, и континуиран дијалог подреден во две паралелни етапни целини. Ликовите имаат номинација, Жан и Марко, тие се централни носители на дејството, „нештото“ станува споредбен лик што им укажува на иманентноста на слободата. А слободата според Хегел не претставува само психолошки феномен туку ја изведува суштата, типична, основна црта кај човекот, неговата морална достоинствена движечка сила на внатрешната слобода. Тогаш испливуваат од потсвеста скриените желби во таа „налудничава и спокојна ноќ“ со халуцинантни екстази, резултат на „Сето ова беше сон, или дефинитивно некоја подметната дрога. Или и двете.“ Расплетот на централната драматичност се случува кога црковниот клисар од негова страна ги образложува своите видувања „Духот е во криза откако во манастирите почнаа да се доселуваат секакви наркомани, и Боже прости – подвоени личности“.
„Фауст го трча плебејскиот круг“ е дело кое изобилува со иновативност и креативност. Вешто воспоставената комуникација меѓу авторот и читателот, драмската напнатост, филозофските реторички размислувања вметнати во дискурсот, специфичноста во структурата на исказот донесуваат еден несекојдневен концепт за освежување во современата литература.
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 23),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 23)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)