КООРДИНАТЕН СИСТЕМ
Сите знаат точно на кои координати
живеам
и врз кои точки се потпираат моите иницијали
Матичниот број го запишувам на уплатница
кога го враќам тоа што ми е одземено
И на здравствената книшка го покажувам
кога со моја дозвола ми вадат крв од зборовите
за да проверат дали леукоцитите ми се на број
И во банката го чувам пред очите на лихварите
за видат дека немам ништо друго освен него
Поштарот запира пред бројот 47
за да ги врати залутаните зборови
во поштенското сандаче на заборавањето
Еднаш во месецот поминува другар ми
за да прочита колку електрични сијалици
бадијала светеле цела ноќ
Телефонскиот број ми е јавно објавен
на веб-страницата која ми дава плата
Датумот на раѓање ми е втиснат на прстите
и сам се запишува во празните полиња
на електронската бирократија
Сообраќајниот полицаец точно знае во кое време
поминувам низ центарот на градот кога одам на работа
и секогаш ме застанува
за да ми каже дека брзо
и без размислување влегувам во кривини
но дека одлично се движам по координати
во спротивно – нема да преживеам
И тогаш се сеќавам дека мојата рака
ги има исцртано сите зебри за пешаци
сите триаголници со извичник
и сите стоп-знаци пред влезот во главните улици
И пак продолжувам… по исти координати
во туѓи системи, со мои правила, и преживувам
зашто животот ми живее во сонот без координати
во кој секогаш одново се раѓам