Гордана Јовиќ-Стојковска
МЕЃИ И ГРАДИНИ
Го помниш ли денот кога исчезнав
велат било лето
младо како здив на новороденче
чија насмевка ја свртела насоката на реката
а ветрот засекогаш го загубил
екот од западните страни
велат било лето
пеперутките се раскрилиле
преку заспаните полиња
и семето изгнијало во осојот на
нивната игра
и сите помнат објава
дека загубената душа исчезнала
со крилјата на невидливото утро
во кое сонцето остарело
како векови на минатото
да му ги попрскале дамките
велат било лето
а не беше
паѓаа студени мразулци наместо снег
и водите беа замрзнати
Го помниш ли денот кога исчезнав
на портата затропаа дојденците
а дедото рече
секој туѓинец не е гостин
а кучињата не се чуваат да бидат врзани
затворете ја портата и изгаснете ги светлата
Им ја отворив портата
тажна е староста помислив
гледајќи ги солзите во неговите очи
мразулци беа
остри и тешки како
од северен глечер откинати
домашните ги пречекаа со леб
оној наш
мек како душа
со зацрвенета кора
оној наш благ како
првото млеко на младата пченица
од која сѐ започнува и со која сѐ векува
и на земјата и под неа
Влегоа бучно
небере во домот свој
песот ја подвитка опашката
се мушна до нозете на дедото
и занемеа двајцата
камен до камен од огнот изискрен
засекогаш
Се сеќаваш ли на денот тој
еднаков на другите кога дистанцата
ја поставуваш како урнатиот мост
во кој помнењето бледи
слично на крвавиот партал
што на мајката ѝ го донесоа од некое боиште
Велат дека било лето
а летата во нашиот крај веќе не наминуваат
во сончевата кора се забодени
крвавите мразулки и
огнените снегулки што од некаде се
накотиле како плевел
Беше зима
постудена од северната виулица
ми се всади под кожата
и ме зеде
помниш ли
те зеде и тебе
и другите ги зеде
останаа само дедото и песот
потулени на прагот
под кој ги чуваат спомените
за да не исчезнат со нас
под нозете на меѓашите.