Гордана Стојаноска
Синот на перото
На Радован П. Цветковски (1931-2022)
Се случува понекогаш да има времиња
во кои се палат сите ѕвезди
и никнуваат сите семиња
во кои убавиот збор се гнезди.
Се случува одеднаш сите реки да стечат
и секоја капка за убавина да збори,
и сите ливади цвеќе да облечат,
се случува обзорот за слава да гори.
Се случува да се разбудат сите вулкани
и сета жар на создавањето, цел пламен
во нивните силни срца збрани,
да го оживеат од мртов и студен камен.
Се случува виножитата небаре рајски птици
во една душа да слетаат сите
и сите шуми да ги научат сите јазици
за да ги шумолат на тишината тајните.
Во тие времиња се раѓаат џинови,
со мисла јасна како летна зора
на перото моќно тие се синови,
капка амброзија во златна амфора.
Тие носат дождови плодородни во пустините,
со воздишката во стихот ги топат ледниците,
и со сонце ги преплашуваат темнините,
ги раскрстуваат крстосниците, ги надминуваат границите.