ГРЕШКА
VII.
(Собата со иконата на свети Стилијан. Ѓорѓи наведнат над масата. Веса во негова близина, со везало в раце, загледана е преку прозорецот.)
Веса (Го остава везалото и соопштува.): Доаѓаат Пецакови!
Ѓорѓи: Натрапници!
Веса: Откога видоа дека не можат да те истиснат од оваа куќа, го изменија односот спрема тебе.
Ѓорѓи: Ме сметаат за улав.
Веса: Улав е оној нивниот.
Ѓорѓи: Ти го токмат за маж.
Веса: Глупости!
Ѓорѓи: Тие мислат дека со таа врска ќе бидеш почестена. А тој, пак, преку врската со тебе дека ќе го спознае „она вистинското“. Така му велела Пецакова на Вангел Бабачот.
Веса: Таа е исто толку улава колку и брат ѝ. Тие се фамилијарно улави.
Ѓорѓи: Таа пак „она вистинското“ го спознала во секој чекор небаре кучка. И тоа како на „благороден сој“, ѝ припаѓало. Како и златото. Главна цел им е всушност да се доберат до твојата куќа и до твоето злато. Куќата ќе ја турнат и на нејзино место ќе подигнат нова, со простории за дуќани во долниот кат. Нивните планови ми ги разоткри Вангел Бабачот. Мене ме планираат за калфа.
Веса: Ако треба да изградиме нова куќа ќе изградиме. И дуќани. Но ти ќе бидеш газда. Во дуќаните ќе ги продаваме книгите од делото што ќе го напишеш.
Ѓорѓи: Види каква идеја! О каде ти падна напамет?
Веса ( Го избегнува одговорот.): Уште ги нема. Каде се? Сигурно долу улавиот Фердинанд се има закачено со Манди.
(Тропање на вратата.)
Веса: Слободно!
(Влегуваат Пецакови.)
Пецакова (На Веса.): На поминување сме. Бевме на шпацир. Фердо посака да те види и да ти подари букет цвеќиња.
Фердинанд (Правејќи „муцки“, ѝ подарува на Веса букет цвеќиња.): Маллла!
Димко (Му приоѓа на Ѓорѓи кој им го има свртено грбот на гостите.): Како оди работата, дете? На што конкретно работиш?
Ѓорѓи (Со доза на иронија.): Правам пресметки.
Димко: Ти си книговодител? Јас мислев дека си филозоф.
Ѓорѓи: Физичар сум. Го пресметувам времето.
Димко (И тој со иронија.): И? Го пресмета ли?
Ѓорѓи: Една секунда ми ги меша сметките.
Димко: Каква секунда? Која секунда?
Ѓорѓи: Секундата со која оваа наша 1990 година влезе во кусок. (Небаре Ѓорѓи кажува нешто многу опасно, Фердинанд се возбудува и се вознемирува.)
Димко (Ѝ се приближува на Пецакова): Неоспорно младиот Манди е улав како татко му! (Пак му приоѓа на Ѓорѓи.) Дали тоа што оваа наша 1990 година влезе со секунда кусок е опасна работа?
Ѓорѓи: Зависи.
Димко: Од Што?
Ѓорѓи: Меѓународниот институт за мерки и тегови, откога констатира дека времето доцни, издаде наредба според која часовниците во 1990 година требаше да се вратат едназа една секунда наназад. Вие вашите ги вративте? Ако не сте ги вратиле, тогаш многу доцните. Една секунда наназад е време што не ќе можете никојпат да го надоместите.
(Фердинанд уште повеќе се вознемирува. Димко ѝ дава знак со рака на Пецакова дека Ѓорѓи не е со сите.)
Димко (На Ѓорѓи): А ти, дете, твојот часовник го врати за една секунда наназад?
Ѓорѓи: Во дилема сум.
Димко: Зошто?
Ѓорѓи: Зошто не знам точно дали времето доцни или возот доцни.
Димко: Како тоа?
Ѓорѓи: Да речеме дека некои гангстери го нападнале возот со кој времето доаѓа и го ограбиле. Да се ограби една секунда тоа би бил грабеж на векот. Под услов времето да се мери со сенката на сонцето, со клепсидри и со обични часовници. Макар и со електронски. Зашто, што всушност се очекува да пристигне на железничката станица. Возот или времето? Што мислите вие?
Димко: Секако возот.
Ѓорѓи: Според меѓународниот институт за мерки и тегови, секојпат времето пристигнува и секојпат навреме. Но, ете, во 1990 година со секунда задоцнување. Возот стигна точно во дванаесет, но времето доцнеше, тоа беше дванаесет без една секунда. И што значи сега тоа? Дали стрелките на часовниците да се вратат една секунда наназад или да се поместат една секунда напред. Што мислите вие?
Димко (Заинтригиран.): Во секој случај кога часовникот покажува дванаесет, а не е дванаесет, тука е дванаесет без една секунда, часовниците треба за една секунда да се вратат назад. (Бара потврда од Пецаков.) Така, нели?
Фердинанд (Вознемирен.): Ннникс!
Ѓорѓи: Напред! Зашто возот веќе пристигнал во дванаесет, точно напладне. Така што, кога вашиот часовник покажува дванаесет, не е дванаесет, туку е дванаесет и една секунда. Тоа значи дека не вие времето, а времето вас ве украло.
Фердинанд (Опасно возбуден.): Ннникс! Ннникс!
Ѓорѓи: А за таа секунда може многу нешто да се стори, да се спаси светот од нуклеарна катастрофа!
Фердинанд (Опасно возбуден.): Ннникс! Ннникс!
Пецакова (Го смирува Фердинанд.): Фердо! Фердо! Смири се! (Вади од чантата шамиче, го натопува со парфем и му го поставува под носот. Фердинанд се смирува.)
Димко: Ајнштајн тука не може да се снајде. Никој. Освен можеби оној стариот будала.
Пецакова: Не спомнувај го стариот Манди. Човекот (Покажува на Фердинанд.) е алергичен на него. Јас знам кој ќе го реши овој проблем.
Димко: Кој?
Пецакова (Конспиративно.): Професорот Врклевски.
Димко: Врклето? Тој е врвен научник. Име со светска репутација во таа област.
Пецакова: Само да почекаме младиот Манди да го напише делото. Да го добиеме црно на бело. Ајдете! (На Веса.): Вие сметајте и пресметувајте, ние ќе си одиме, не сакаме да ви пречиме. (Марширајќи, Пецакова ја напушта просторијата. По неа Димко и Фердинанд, откога овој упатува спрема Ѓорѓи заканувачки гримаси.)
Ѓорѓи (Ги трие рацете, небаре ги мие од нечистотијата): Се ослободивме од нив. Барем додека да го напишам делото. (Оди покрај масата, и, не седнувајќи, туку отпростум, прави некои забелешки. Веса седнува на столот, го зема везалото и почнува да везе. Тишина. Се слуша ѕидниот часовник како отчукува. )
Ѓорѓи (Завршувајќи го записот, се свртува спрема Веса.) Што везеш?
Веса (Му го покажува везалото.): Бела кошула со црвен цвет на левата страна.
Ѓорѓи: За кого ја везеш таа кошула со црвен цвет?
Веса: За тебе, ќе ти ја подарам откога ќе го завршиш делото.
Ѓорѓи: Љубезно од твоја страна.
(Часовникот отчукува, па одѕвонува дванаесет.)
Ѓорѓи: Одѕвони дванаесет! Дојде мојот час, спушти ги Весо, завесите!
(Веса го остава везалото и ги спушта завесите на прозорците.)
Ѓорѓи: Запалете го кандилото пред иконата на свети Стилијан, заштитникот на децата. Неговата заштита сега ќе ми треба повеќе од секојпат. Подготовките ги направив и конечно решив да го пишувам делото.
Веса: Нека е со среќа!
Ѓорѓи (Ги шири рацете спрема Веса.): Дојди! (Распетлувајќи ја робата, Веса му приоѓа. Ѓорѓи ја спречува во намерата да се соблече.) Не! Душа ми треба!
Веса (Трогната.): Душа?
Ѓорѓи: Сега душа ми треба.
Веса: На, целата душа! (Веса му ги подава на Ѓорѓи усните. Тој со своите нежно ѝ ги бакнува, одвај ѝ ги допира.).
Ѓорѓи: Збогум! (Тргнува кон масата. Тоа е пат од два чекора кој ги прави небаре осуденик кон ѕид за стрелање. Седнува покрај масата. Го зема перото и се замислува. Веса го зема везалото и продолжува да везе. Тишина. Часовникот отчукува. Ѓорѓи има творечки проблеми. Врти со главата.).
Веса (Откако гледа дека Ѓорѓи се мачи, го остава везалото, станува.): Што е Ѓорѓи?
Ѓорѓи (Очаен.): Секундата!
Веса: Каква секунда?
Ѓорѓи: Не можам да ја напишам првата реченица. Се плашам да не полудам како Ниче.
Веса: Како да полудиш како Ниче? Кој е тој Ниче? Нема да дозволам да полудиш како Ниче!
(Веса ја отпетлува и ја разгрнува робата, го прегрнува Ѓорѓи и го повлекува кон постелата.)
(ЗАТЕМНУВАЊЕ)
Во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 24),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола, РС Македонија)
In Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 24)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Elizabeta Jonchikj, Milica DImitrijovska Radevska, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola, North Macedonia)