Србија (Serbia)
Виктор Радун Теон (Viktor Radun Teon)
Виктор Радун Теон е роден 1965 г. во Скопје. Работи како професор по екологија и економија на Факултетот за применета екологија „Футура“, при универзитетот „Метрополитан“ во Белград. Пишува поезија и проза, а се занимава со философија и студии на иднината. Преведува од англиски на српски јазик и обратно. Негови поетски творби, есеи, прикази и раскази се објавени во многу списанија, зборници и антологии. Напишал голем број научни и стручни трудови од областа на менаџментот, маркетингот, глобалната економија, философијата и студиите на иднината. Преведуван на шпански, романски, македонски и словенечки јазик. Оперативен уредник е на списанието „Бранковина“.
Автор е на книгите „Јајцето на еднорогот“ (2008), „Конкуренцијата на нишан“ (2008), „Светлината во човекот“ (2010, второ издание во 2017), „Вавилонски водопади“ (2012), „Чудото на Фениксот“ (2013), „Крв и роза“ (2016), „Храм на екстазата“ (2017), „Големата Ѕверка“ (2017), „Трансхуманизам, Иднина без луѓе“ (2018) и „Змија на бурата“ (2019). Член е на Управниот одбор на Друштвото на писателите на Војводина, Здружението на новинарите на Србија, како и на Друштвото на стручни и научни преведувачи на Војводина. Претседател е на надзорниот одбор на „Стеријино позорје“. Живее и создава во Нови Сад.
ГЕЈЗЕР НА ПОЧЕТОКОТ
Се обидувам да разберам
како се разбива тишината
како се лупи хаосот
како љубовта се распрснува
во капка морска вода
како усните
ни се лепат за мразот
се претворив
во космичко јајце
и го демнам шепотот
на жештината на виорот
гејзерот
кој блика
од спокојот на розата
дијалектиката е скриено оружје
на творецот
кој се одзива на знак
но ние заборавивме
како се изговара почетокот
Превод од српски на македонски јазик:
Весна Мундишевска-Велјановска