Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ во соработка со Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола денес го одбележаа Светскиот ден на поезијата со онлајн средба. Битолските писатели Златко Жоглев, Даниела Андоновска – Трајковска, Гордана Стојановска, Михајло Свидерски, Мирјана Стојановска, Милица Димитријовска -Радевска, Елизабета Јончиќ, Илче Стојановски читајќи свои стихови искажаа колкава е големината на духовниот извор на емоциите претворени во збор и стих.
На почетокот на средбата се обратија директорот на библиотеката м-р Бојан Стефановски и претседателката на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ Елизабета Јончиќ.
„Светскиот ден на поезијата е можност да се сврти вниманието на секој жител на планетата кон единствената карактеристика на поезијата, допирање на најдлабоките жици на душата во една личност, будење на креативни способности и одговарање на какви било духовни прашања. Многу луѓе го наоѓаат својот мир и релаксација во поезијата, благодарение на поетскиот збор, учат да се разберат себеси, во своите мисли и емоционални искуства.“- истакна м-р Бојан Стефановски.
„Поезијата е плодотворна подвижна оска на инспиративниот дух низ кој протекуваат делови од душата. Секој збор, секоја кованица стисната во стих носи своја тежба за ослободување на чувство или мисла. Без разлика какво е тоа чувство и таа мисла, и со каква појавност и тоналитет ќе го доживеат изразот. Важноста е во комбинацијата на нивниот одраз, на трагата што ќе остане зад нив како пат којшто ќе го изодат идните читатели.“ – додаде Елизабета Јончиќ.
И денес, по дваесет и две години од прогласувањето на 21-ви Март за меѓународен ден на поезијата, нејзината безвременост ги облагородува нејзините читатели и ги поттикнува нејзините творци кон расплетување на бесконечноста на убавите зборови.
Друштвото на писатели Битолски книжевен круг во наредните денови ќе продолжи со дополнителни активнсти коишто исто така ќе бидат во насока на одбележување на Светскиот ден на поезијата.
ЖИВЕЈ
Некој што со малку леб оди
до малото место што го опкружува како гнездо
некој кому веќе не му треба ништо
некој по кого копнее никој.
Тој е писмо за секого. Го отвораш.
Ти вели: Живеј!
Џелаледин Мевљана Руми