БЕЗ НАСЛОВ
Кога бев мал
размислував за маглата за тоа како е да се претопиш во неа, си дозволував да ѝ се препуштам на летаргијата
која правот го имаше прифатено за свој,
тоа беше време без време:
се прашував што е тоа туѓинец, носталгија,
што значи моето повторно појавување во далечината, на ридот што би ги сотрел пештерите на вештерката, во рацете на дрвјата кои покажуваа на височините, стопени со маглината,
во празнината
;
имаше неколку улици
преполни со сонце и мрморење на духови,
гласови на сенки кои излегуваа од куќите,
претходно многупати спојувани со самракот, бев збунет во тишината,
која ја доживував додека си го барав (меѓу куп нешта, во прашината, дождот, ветерот)
лицето,
мојот глас
мојата сенка
;
роден сум на место без име,
во земјата на отсутните, Хорхе Артуро би рекол,
pueblón, Еунис Одио би рекол,
на место кое не е место, јас би рекол.
Ноќе замислував далечни места,
патеки,
улици,
звуци кои остануваа покрај патот за време на ноќта,
бегаа среде шумите,
се појавуваа во далечините,
се губеа
;
истата носталгија се јави кога размислував за сјајот
што трепкаше на планините,
во куќите близу маглината што ги прикриваше браздите
меѓу дрвјата,
за прогонот,
за далечината
;
претопувајќи се со росата
барав нешто од нешто
бев и таму и тука,
сѐ беше сѐ:
туѓината, сонот,
миговите претворени во несигурност,
молчењето кое замина во минатото во потрага по одговори,
но одговорите не се одговори,
опал е тоа кој без сјај се губи во амбисот,
паѓајќи како дождот на ридовите,
чекајќи го доаѓањето на покојните
наслушувајќи што зборуваат тие во нас
додека чекаме маглата да дојде.
Пред да изгрее сонцето
додека сѐ уште имаше по некоја ѕвезда на небото, со ветерот во мирување и дождот како извор,
продолжив да скитам низ barrios во мојата населба:
пустината ќе се појавеше пак,
некои од заспаните ридови,
неразбирливото пеење што едвај можев да го чујам
обредите чекорат кон празнината
;
тоа што не можев да го видам беше овде,
дојде и замина како нешто друго:
сенката, маглата,
отсутното,
враќањето на минатото во далечината
сѐ во сѐ,
сенката, маглата,
отсутното
.
Молкот се стопуваше со индиферентноста
без да се случат, нештата се случуваа:
една птица,
еден облак,
сонцето повторно меѓу улиците што старееја,
едно куче што ги влече своите синџири,
еден вик, една птица,
еден облак
,
ќе ја избркаа првата светлина,
ќе бараа духови,
нешто чудно и невообичаено,
потеклото на потеклото на правот,
но таму немаше ништо
АЛВАРО МАТА ГИЖЕ, Коста Рика
ALVARO MATA GUILLE, Costa Rica
Превод од англиски на македонски јазик: Даниела Андоновска-Трајковска
Translation from English into Macedonian: Daniela Andonovska-Trajkovska
Наскоро во Списание за книжевност, уметност и култура „Раст“ (2021, бр. 23),
(Уред. Даниела Андоновска-Трајковска, Милица Димитријовска Радевска и Елизабета Јончиќ, Изд. Друштво на писатели „Битолски книжевен круг“ – Битола)
Soon in Journal of Literature, Art and Culture “Growth” (2021, No. 23)
(Editor in chief: Daniela Andonovska-Trajkovska, Ed. Milica DImitrijovska Radevska, Elizabeta Jonchikj, Publisher: Association of Writers “Bitola Literary Circle” – Bitola)